ДОЈЧЕ ВЕЛЕ – Леб, пити, тортички – „Ние сме класична пекарница, го продаваме она што стигнува од нашите печки“ – вака Тобијас Плац ја објаснува деловната стратегија на својата фирма во Ојтиген, село во близина на Штутгарт. Пекарницата постои од 1890 година, Плац е пекар во четврта генерација. Лани комплетно ја реновирал својата пекарница – преку стакло муштериите можат да го видат задниот дел, каде се меси и пече.

Но, Тобијас Плац не знае како натаму да го води својот бизнис. На крајот на август добил писмо од својот снабдувач со гас – наместо досегашните десет центи, сега треба да плаќа речиси 35 центи за киловат час гас.

„Сакавме да ги споделиме овие информации со вас, за да имате разбирање ако мораме да ги прилагодиме цените на нашите печива“, пишува пекарот на Фејсбук и Инстаграм, каде има објавено фотографија од писмото на неговиот снабдувач со гас со новите цени. Цените за струја и трошоците за суровини исто така ќе растат, напишал тој, дополнувајќи: „Каде ќе биде крајот на ова? Драги политичари во Штутгарт и Берлин, кога конечно ќе се разбудите и вразумите?

Претпријатието троши 80.000 киловат часови гас само за греење и за топла вода. Месечната рата за гас од 1 октомври 2022 година ќе му се зголеми од 721 на 2588 евра. Во тоа не се содржани трошоците за енергија за печката, а Плац има договoр за добивање гас по старите услови до крајот на годинава.

Пекарите протестираат во Хановер

И во другите пекарници во Германија деновиве доаѓаат писма со нови цени од дистрибутерите на енергија. Понекогаш барањата се толку високи што претприемачите се запрепастени и трескавично размислуваат што да направат за некако да можат да ги поднесат трошоците. Екехард Фатер, кој води голема пекарница во покраината Долна Саксонија, со 35 филијали и 430 вработени, во иднина треба да плаќа повеќе од 75.000 евра месечно за гас. Досега трошокот за гас изнесувал околу 5.800 евра.

Фатер и многу негови колеги излегоа на протести. „Спасете нè нас, пекарите“ беше напишано на таблите и транспарентите што во Хановер ги држеа околу 1.000 демонстранти, пекари и нивните вработени. Многу пекарници со денови продаваат во темница за да го привлечат вниманието на клиентите. Мотото гласи: „Светлото ни се гаси – денес светло, а утре печката?“

Една земичка – пет евра

Печките не можат да работат без енергија, но како пекарите да ги покријат високите трошоци? Да се зголеми цената на лебот и земичките? Земичка за пет, леб за десет евра? Пекарите се сигурни дека муштериите не би го поддржале тоа. Централното здружение на германските пекари предупредува дека многу пекарници ќе мора да затворат доколку нема државна финансиска помош.

Целиот текст можете да го прочитате на Дојче Веле…

https://www.dw.com/mk/germanija-dali-eden-leb-naskoro-ke-cini-10-evra/a-63158066?maca=maz-rss-maz-eco_timemk-4723-xml-mrss&fbclid=IwAR0JTBWCLtdqZ-VBAFn7XUaQoN2qJ0RE4p_3WEg2DNJRl1fzdVAhiyFS814