Ние не ја баравме бељата. Тие Британците си ја бараа бељата! И ја добија. Дојдоа некои 20-ина луѓе да вечераат. Јас тогаш држев ресторан. Најкултурно ги причекувам. Велам, повелете, чувствувајте се како дома. За Британците, се знае какви бељаџии се кога ќе се опијат…. Потоа бевме поканети во Белград како народни херои. Ко на свадба да бевме таму. Ко на Ивкова слава! Се запознав тогаш и со Александар Вучиќ, кој беше многу млад и немаше некоја функција. Заедно со него и вечеравме!

Поп-пејачот од дуото „Куку леле“, Сашо Каимовски, попознат како Панки, по многубројни турбуленции кои ги имаше последните неколку години, дефинитивно се врати на естрадата. Тоа е неговиот единствен извор на финансии.

– Не само што морав туку и пред се посакав повторно да сум присутен во естрадниот живот на Македонија. Сцената и публиката се мојата прв и последна љубов, вели Панки, кој одлично се чувствува, одлично функционира на настапите со се својот музички ортак Роберт Саздов.

Откако почна активно пак да пее, Панки почна и да гостува по телевизиските емисии. Пред некоја вечер го видовме во емисијата „Еден на еден“ на ТВ канал 5. Сега е поинаков, со ултра популарен имиџ: со пуштена побелена брада, очила кои повеќе се за на плажа отколку за подобрување на видот, а над се вниманието го привлече со своите многубројни атрактивни тетоважи кои ги прави и одржува тука во Скопје, во едно професионално студио.

И… Панки не би бил Панки да не се потсетеше на еден важен настан од минатото, кој инаку никој не го заборава, а особено тој самиот го памети.

– Не можам да не се сетам на таа легендарна тепачка со унпрофорците. Ние не ја баравме бељата. Тие си ја бараа бељата! И ја добија.

Дојдоа некои 20-ина луѓе да вечераат. Јас тогаш држев ресторан. Најкултурно ги причекувам. Велам, повелете, чувствувајте се како дома. Тоа биле Британците, а за нив се знае какви бељаџии се кога ќе се опијат. Прават проблеми. Почнаа да плукаат по луѓе, да ги малтретираат гостите, да фрлаат со тапи од виното по присутните.

На едниот од главните старешини му велам: – Дојди малку ваму, да те замолам, овие твоите да престанат. Тој ми вели: Ок, Ок, веднаш ќе ги смирам.

Меѓутоа од тоа смирување не се случи ништо. Алкохолот си го правеше своето, тие станаа уште побезобразни, лоши, непресметливи.

– И така… ми пукна филмот! Го земав едниот од нив за нозе, другиот за врат, и туп-туп по скалите, шљус, шљус… Воедно им дадов да си ја земат препарираната мечка Божана што ја имав во ресторанот. Удри, мавај по нив, и со се сталаците за микрофони. Имаше тука и скршени вилици, скршени глави, скршени раце. Луѓето кои немо гледаа од страна… останаа вџашени. Потоа дојде нивната воена полиција, дојде и нашата полиција, за да направиме записник. До ден-денес немаше никакво тужење, сфатија дека претерале и дека треба да се заборави настанот.

Ама еве, ништо од тоа не се заборава. Утредента по овој скандалозен настан ми пристига брза депеша од Белград. Од Војислав Шешељ: – Драг брате Панки, поради вашиот херојски потег што им го направивте во Скопје на унпрофорците, да бидете наши специјални гости во Владата на Република Србија.

Јас не можев да верувам што читам и веднаш се јавив таму во Белград да ја проверам телеграмата. Навистина бевме поканети. По ден, два заминав во Белград право кај Шешељ. Тој беше тогаш потпретседател на Српската влада. Но пред тоа на граничниот прелаз кај Табановци бев пречекан како народен херој. До Белград мене и другарите не одвезоа со сите почести со некое бесно мерцедиште. И ете така.

Ко на свадба да бевме таму. Ко на Ивкова слава! Се запознав тогаш со сите српски министри. Дури и со Александар Вучиќ, кој тогаш беше многу млад и немаше некоја функција. Заедно со него и вечеравме, дури потоа и дома кај него му одев. Тоа е, живот, што да се прави, раскажа возбудливо, атрактивно-тетовираниот Панки.