Грав нема ни за лек, а таму каде што го има се продава по 350 денари килограм. Граѓаните се револтирани велат дека веќе подолго време во маркетите не можат да најдат грав, а на зелените пазари понудата е намалена. Велат дека го има на неколку тезги, а цената му е од 300 до 350 денари за килограм. Пазарџиите велат дека е невозможно да го продаваат по цена од 95 денари колку што треба според владината одлука бидејќи набавната цена му е повисока од онаа по која треба да го продаваат. Од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) велат дека во моментов нема увоз на грав и оти се проверуваат увозниците од каде го набавуваат, по која цена и дали имаат залихи на грав во магацините.
-Одиме од магацин до магацин и ги проверуваме сите увозници, пилјарниците, големите маркети и проверуваме каде има недостатоци. При контролите утврдивме дека има многу нерегистрирани трговци кои ги препродаваат производите, не плаќаат данок на државата и остваруваат голем профит. Има трговци кои во објекти од 70 до 100 метри квадратни продаваат секаква стока, овошје, зеленчук, техничка за која не се регистрирани. Исто така голем дел од овие трговци работат со кеш и дел од прометот може да го скријат, вели за весникот ВЕЧЕР директорот на ДПИ, Горан Трајковски.
Тој додава дека голем проблем е што казните за нерегистрираните трговци се мали и изнесуваат само 150 евра, а ако ја плати казната во рок од 8 дена, сумата се намалува на само 75 евра. Овие казни не се високи за трговците и тие без проблем може да ги платат, но проблем е ако им ја земеш стоката.
-Мора да се стави ред кај препродажбата на гравот, да се спречат нерегистрираните трговци и да се намалат профитите на препродавачите. Ние одиме по маркетите и проверуваме дали има грав и зошто нема. Ако ни кажат дека не им носи снабдувачот, ние одиме кај снабдувачот и го проверуваме. Проблем е што на зелените пазари имаме ограничени ингеренции, односно може да казнуваме, но не и да одземеме стока. Но, според Законот за трговија секој што е регистриран за продажба на големо не смее да врши продажба на мало. По овој основ казните се високи и се движат до 5.000 евра, а и може да се одземе робата а тоа неодамна го направивме на Кванташки пазар, вели Трајковски.
Во маркетите грав нема веќе месец дена откако му се замрзна цената на 95 денари за килограм. На зелените пазари, гравот може да се најде само на две-три тезги, а таму цената е многу повисока од 95 денари. Викендов на зелените пазари гравот се продаваше по цена од 350 денари за килограм. Граѓаните се фаќаа за глава и велеа дека цената е многу висока и оти наместо да поевтини, тој поскапи и сега е поскап и од месото.
Откако стапи на сила Одлуката за замрзнати цена која се однесуваше и на гравот, Државниот пазарен инспекторат откри над 300 тона грав кој се чувал во магацините и не се пуштал во продажба. Од ДПИ информираат дека само во април биле извршени над 2.670 надзори и биле издадени над 800 казни во вредност од над 21.275.000 денари.
Be the first to write a comment.