Трката за развој на најбезбедна вакцина против ковид-19 во последниве години беше прашање на живот и смрт. Во една студија објавена од страна на „Економист“, во соработка со истражувачите од „Ерфинити“, се наведува дека во 2021 година биле спасени 20 милиони животи благодарение на вакцините.

Истражувачите ги користеле овие бројки, заедно со податокот кои вакцини во кои држави биле најмногу употребени, за на крај да дознаат која вакцина спасила најмногу животи од ковид во 2021 година.

„Ерфинити“ откри дека повеќе од половина од спасените животи ширум светот се благодарение на две вакцини: Астра-Зенека и Фајзер-БиоНтек.

Двете вакцини посебно спасиле помеѓу 5 и 7 милиони животи (поради несигурност, „Економист“ пишува дека овие бројки се изедначени).

На третото место се наоѓа кинеската вакцина Синовак, со меѓу 1,7 до 2,2 милиони спасени животи (без Кина), а зад неа е Модерна со 1,5 до 2 милиони животи.

За да проценат колку животи спасила секоја од вакцините против ковид, од „Ерфинити“ користеле неодамнешна студија на епидемиолозите од Империал колеџ Лондон. Оваа студија го пресмета бројот на избегнати смртни случаи во првата година откако почна вакцинацијата низ земјите во светот, односно од декември 2020 година.

Истражувачите од „Ерфинити“ најпрво ги поделија овие податоци, а потоа го искористија и бројот на секоја вакцина употребена по земја до крајот на студијата. Како што беше забележано во клиничките испитувања, постојат мали разлики во нивната ефикасност во спречувањето на смртта.

На овој начин истражувачите направија неколку претпоставки. Најпрво, дека кога една земја нудела повеќе видови вакцини, тие се давале во слично време. Во реалноста, тоа не беше случај во секоја земја. На пример, во Британија, првично се нудеше само вакцината на Фајзер-БиоНтек, а тек подоцна беа вклучени оние на Модерна и Астра-Зенека.

Во студијата објавена од страна на „Економист“ не е вклучена Кина, каде истражувачите не можеле да дојдат до подетални податоци, како и земјите со помалку од 90 илјади жители.

Според ова, овие бројки можеби се и малку повисоки.

Фактот што вакцините на Астра-Зенека и Фајзер-БиоНтек се први во ова истражување воопшто не треба да изненадува. Тие лани го зголемија своето производство и според истражувањата со нивните вакцини се вакцинирани вкупно 3,5 милијарди луѓе (2 милијарди со Астра-Зенека и 1,5 милијарди со Фајзер-БиоНтек).

Вакцините продолжуваат да спасуваат многу животи и им дозволија на повеќето земји да се вратат во „нормалниот“ живот од пред пандемијата. Во трката за развој на вакцини против ковид, најмалку 20 милиони луѓе на крајот беа јасни победници.