Препознавањето и навременото дијагностицирање на ракот е исклучително важно за лекувањето да биде што поуспешно, објаснуваат лекарите.

Сепак, има одредени симптоми кои повеќето луѓе често ги игнорираат, а кои всушност може да укажуваат на рак. Тоа се најчесто рак на дебелото црево, грлото на матката, црниот дроб, белите дробови, јајниците, простатата и панкреасот.

Онкологот д-р Ахмед Ел-Модир сподели седум видови на рак кои тешко се дијагностицираат навреме, но ги спомна и нивните симптоми кои никогаш не треба да ги игнорираме.

Рак на дебелото црево

Вообичаени симптоми на рак на дебелото црево вклучуваат чести болки во стомакот, надуеност, грчеви и различни промени во навиките на дебелото црево (на пример, запек, дијареа или течна столица). Дополнително, д-р Ел-Модир објаснува дека заболените може да забележат и крв во столицата, недостаток на апетит и нагло губење на тежината.

Рак на матката

Ракот на вратот или грлото на матката е почест кај жените постари од 45 години, но почесто се јавува и кај помладата популација. Вообичаени симптоми вклучуваат вагинално крварење помеѓу менструацијата, за време или по сексуален однос и по менопаузата, потешки менструации, промени во вагиналниот исцедок, болка за време на сексуалниот однос и болка во долниот дел на грбот, стомакот и карличната област.

Рак на црниот дроб

Како што објаснува онкологот Ел-Модир, многу симптоми на рак на црниот дроб се поврзани со дигестивни проблеми како што се гадење, повраќање, бледа столица, потемна урина и чувство на ситост после јадење само мала количина храна. Луѓето со овој рак исто така може да забележат грутка на горната десна страна на стомакот, да почувствуваат болка во таа област и подуеност на стомакот што не е предизвикана од јадење. Други симптоми вклучуваат жолтица, болка во десното рамо, нагло губење на тежината, промени во апетитот, замор и висока температура.

Рак на белите дробови

Симптомите на ракот на белите дробови вклучуваат постојана кашлица која не исчезнува долго време, отежнато дишење при вршење активности кои обично не се напорни, искашлување крв, замор, губење на апетит, болка во градите или рамото, повторени или постојани инфекции на градниот кош и нагло слабеење, предупредува онкологот и додава дека дури седум од 10 случаи на рак на белите дробови се предизвикани од пушење. Хроничната опструктивна белодробна болест, која е почеста кај пушачите, е исто така главен фактор на ризик.

Рак на јајници

Д-р Ел-Модир нагласува дека многу симптоми на рак на јајниците се преклопуваат со менструалните симптоми, па затоа е важно да се обрне внимание на тоа колку често чувствувате одредени симптоми. Имено, вообичаени симптоми кои може да укажуваат на можност за рак на јајниците се надуеност на стомакот, болки во грбот, замор и постојана болка или осетливост во пределот на карлицата. Може да се јави и запек, дијареа, губење на апетит, чувство на ситост после јадење само мала количина, нагло губење на тежината и често мокрење.

Рак на простата

Симптомите на рак на простата обично се појавуваат само кога туморот е доволно голем за да ја притисне уретрата. Симптомите вклучуваат отежнато мокрење, почеста потреба за мокрење и чувство дека мочниот меур не е целосно празен дури и по мокрењето.

Рак на панкреасот

Исто како и ракот на простата, и ракот на панкреасот најчесто се дијагностицира кога состојбата е веќе напредната. Многу симптоми на рак на панкреасот се поврзани со дигестивни нарушувања како што се надуеност, промени во изгледот или конзистентноста на столицата, запек, дијареа, гадење и повраќање. Заболените знаат да почувствуваат и болки во грбот и горниот дел на стомакот, чиј интензитет се зголемува при лежење или јадење.