Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески денеска изјави дека Обвинителството работи на обезбедување на докази за смртта на шестгодишното девојче, Јана која почина во битолската Болница. Одговарајќи на новинарски прашања, Јовески посочи дека ги немаат добиено резултатите од обдукцијата, но дека се сослушани повеќе лица за кои Обвинителството смета дека имаат сознанија да помогнат во расветлување на овој случај.
„Јавниот обвинител од надлежното Обвинителство во Битола ги презема неопходните мерки и обезбедува докази во врска со смртта на девојчето. Се уште протоколот од извршената обдукција Обвинителството не го добило. Во исто време Обвинителството работи на обезбедување и на други докази“, рече Јовески по потпишувањето на меморандум за соработка со Министерството за внатрешни работи.
Шестгодишното девојче почина минатата недела во битолската Болница, а вчера во Битола и Скопје се одржаа протести со кои се побара целосно расветлување на овој случај.
Родителите на шестгодишната Јана, која почина во Битолската болница, по примање на инфузија, пред неколку дека изјавија дека состојбата и се влошила кога таа примила половина од инфузијата. Додека се чека официјалната причина за смртта на девојчето, родителите велат дека се убедени оти станува збор за лекарска грешка.
Be the first to write a comment.