На 5 септември почнува судењето за хрватскиот ракометар, Денис Тот, кој беше претепан до смрт пред дискотеката „Привилиџ“ во градскиот парк во Скопје, потврдуваа од Кривичниот суд за „Фокус“. Обвинетите за убиството Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски треба да бидат донесени од притвор во судот и таму да кажат што се случило.
-Обвинетите, на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот. По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрвин настанала коматозна состојба, а следниот ден починал, констатирало обвинителството.
Тие се товарат за кривично дело, убиство од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик, според кое „Тој што друг ќе лиши од живот, ќе се казни со затвор најмалку пет години“.
Судењето ќе го води судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, која беше на тапет во јавноста откако досуди условна казна за сообраќајката кај Млечен во која едно лице го загуби животот, а неговата сопруга беше повредена и го изгуби нероденото дете.
Според информациите на „Фокус“, вечерта меѓу 6 и 7 април, Тот во „Привилиџ“ го видел еден од сега осомничените Андреј Костовски, со кого се знаеле од претходно, поточно од хотелот „Мериот“. Тот таму имал престојувано како странец, а Костовски порано работел како шанкер.
Тот не влегол во клубот со тројцата напаѓачи, сега осомничени за убиство, кои биле во исто друштво, првоосомничениот Анџело Ѓоргиевски, дваесет и двегодишниот Костовски и деветнаесетгодишната Клeментина Левковска.
Тот му се придружил на друштвото откако го видел Андреј, ги честел пијачки и сѐ било во ред до 3.30 часот, кога излегле од дискотеката и кога Тот сакал да си оди заедно со нив во таксито. Иако има многу верзии што било причината за кавгата, едно е сигурно, дека имало некаков „судир“ меѓу ракометарот и девојката од ова друштво.
Официјално, меѓу нив имало лично недоразбирање што може да се заклучи и од објавените видеоснимки на социјалните мрежи, каде што се гледа како девојката го „шутира“ Тот, додека тој лежи, беспомошно и не се помрднува.
За многу кратко време беа уапсени двајцата осомничени, Костовски и Левковска, додека првоосомничениот полицијата не можеше да го најде. Сите тројца се гонат за кривично дело убиство, став еден, според кој: „Тој што друг ќе лиши од живот, ќе се казни со затвор најмалку пет години“.
Be the first to write a comment.