Жив е пронајден еден од исчезнатите лица во Посеиди, Халкидики, кого спасувачите го бараа заедно со негов пријател од вчера попладне.

– Поточно, хеликоптерот на воздухопловните сили кој од утрото учествуваше во потрагата по двајцата исчезнати лица во Посеиди, Халкидики, лоцираше едно од двете млади момчиња во морето, на 14 наутички милји од копно (околу 26 километри). Тој беше превземен од блискиот брод под знамето на Гибралтар, а потоа брод на крајбрежната стража го презеде за да го однесе до пристаништето Неа Скиони, пишуваат грчките медиуми.

Според информациите на newsit.gr, станува збор за 30-годишниот исчезнат, чиј татко и брат дошле од Скопје да учествуваат во потрагата.

– Всушност, тој беше пронајден во доста добра состојба, и покрај многуте часови што морал да плива, поголем дел нив во текот на ноќта, пишува порталот.

Групата од тројца млади луѓе летуваше на Халкидики. Вчера славеле роденден на пријател на плажата во Митис во Посеиди, нурнале во морето и исчезнале.

Со помош на сурфер, еден од групата прв беше пронајден жив уште вчера и пренесен во болница, без никаква опасност по неговото здравје.

Таткото и братот на исчезнатото момче кое беше пронајено денеска пристигнаа на Халкидики од Македонија.