Давид Шумахер, син на Ралф Шумахер и внук на легендарниот Михаел Шумахер, тешко е повреден во текот на судир на трка во Хокенхајм, Германија.

Младиот Шумахер е тешко повреден, а неговиот татко кој е долгогодишен возач на Формула 1 за Motorsport-Magazin.com потврди дека 20-годишното момче го скршило првиот лумбален пршлен на ‘рбетот. Сепак, не е потребна операција.

„Кога Давид се врати дома се жалеше на болки во грбот. Тогаш одлучивме да одиме во болница во Салцбург и да направиме магнетна резонанса. Испадна дека му е скршен лумбалниот пршлен. Тоа значи пауза од 6 недели за Давид“, изјави Ралф Шумахер.

Момчето се судри со возачот Томас Преининг од Австрија. Возачите кои возеа зад нив не можеа да ги избегнат, па еден од нив дури и се запали. Преининг за несреќата го обвини Шумахер, но неговото мислење не го дели Кора Шумахер, мајката на Давид.

„Морам да кажам апсолутно не мислам дека е во ред Томас Преининг секој пат да дава негативни коментари за нашиот син, без никаква самокритика. Тој самиот згреши и немаше контрола над сопствениот автомобил. Секогаш е полесно да барате грешки во другите“, напиша Кора на Instagram.

Освен Шумахер, во болница завршија уште двајца возачи.