Денешната одлука на Кинеската кошаркарска федерација за исфрлање од лига на две екипи поради сомневање дека ги наместиле натпреварите од четврт-финалето од плејофот беше причина поранешниот кошаркар на Карпош Соколи, Дариус Рајс, да излезе со неочекувано признание.

Некогашниот крилен центар на „соколите“ откри дека одамна работите се сомнителни во кинеската кошарка, но и дека и самиот бил приморан да намести натпревар, за што добил 20.000 долари.

Тој не го наведува името на тимот, но од неговата биографија станува јасно дека станува збор за Џилин Тајгерс, кој игра во најквалитетната ЦБА-лига, кој е единствен кинески тим за кој тој настапувал во сезоната 2006/07.

„Ова не е ништо. Мене ми се закануваа и со сила ми дадоа 20.000 долариза да наместам натпревар. Игравме против лидерот на табелата и водевме на полувреме, кога ни дојдоа и ни се заканија дека мора да играме лошо во продолжението. Причина за тоа е што во противничкиот тим играше талентираниот Ји Џилиан, кој беше гледан во НБА и кој мораше да изгледа добро на теренот. Кога лигата е водена од мафија, тогаш подобро е да правите како ви кажуваат“, напиша американскиот кошаркар.

Рајс во дресот на К. Соколи настапуваше во 2015 година и важи за еден од најреномираните странци кои играле во македонската кошарка, со неверојатна универзитетска кариера во престижниот Универзитет Мајами каде што се најде и во Куќата на славните.