„Бин Ладен“, е застрашувачкиот прекар на банкнотата од 500 евра, највисокaта банкнота која е во оптек, бидејќи наводно е од интерес за перачите на пари и терористите. Но, нив ги користат и обичните, чесни граѓани.

Еден од нив дошол на бензинската пумпа на Лукоил и решил да ја плати сметката за гориво од околу 50 евра со споменатата банкнота од 500 евра. Залудно, на шалтерот на екстремно фреквентна бензинска пумпа во Сплит, стоеше налепница на која е пречкртана најголемата банкнота на еврото со порака дека не ја прифаќаат.

Посебно, пишува Далмацијаданас, иритирало однесувањето на шефицата која „влегла во филмот на даночен инспектор“ и го испрашувала клиентот од каде ја добил банкнотата од 500 евра?! Не била најсреќна од одговорот дека банкнотата пристигнала директно од шалтер во банка, а шефицата на смена на клиентот му кажала еден куп лаги – дека банкнотата од 500 евра веќе не е во оптек и воопшто не важи, дека не ја прифаќаат ни во Германија…

Што може да направи клиентот во тој момент и дали сменоводителот на бензинската пумпа на Лукоил навистина бил во право кога ја спроведувал забраната за прифаќање банкноти од 500 евра, се распрашале кај надлежните. Државниот инспектор си ги „пере рацете“, но се чини дека на потрошувачите им остануваат неколку решенија…, пишува Далмацијаданас.

Ова не е изолиран случај на бензинските на Лукоил. Дали е легално трговецот на мало да забрани прифаќање на одредени апоени во евра, неодамна праша еден корисник на Твитер

Како што одговори Сандра Шваљек, заменик-гувернер, трговците треба да ги прифатат сите апоени на евра при плаќање во готово. Но, во пракса, постојат „објективни околности кои бараат отстапување од горенаведеното, а тоа важи и за прифаќање на поголеми деноминации“, напиша вицегувернерката на Твитер.

Лукоил се уште не се огласил.

Европската комисија уште во 2010 година се пожали на лошата практика на одредени трговци кои не сакаат да примаат банкноти од 200 и 500 евра. Потоа им беше препорачано да избегнуваат натписи со какви било забрани за банкноти со висока вредност. Но препораката е едно, а законската забрана е друго, затоа никој не може да го присили трговецот да прифати банкнота ако не сака, пишува и тпортал на оваа тема.

Европската централна банка престана да ја печати банкнотата од 500 евра во 2016 година со надеж дека ќе го спречи тероризмот и незаконската работа, а централните банки на 17 од 19-те земји-членки на еврозоната го сторија тоа во јануари 2019 година.

Но, според Дојче веле, во тоа време германската централна банка – и онаа од Австрија која беше последна што се согласи да ја укине – велат дека всушност нема докази дека укинувањето на банкнотата со висока вредност всушност може да го намали бројот на кривични дела поврзани со даночно затајување.