После повеќе од 40 години музичка кариера, од кои 30 и кусур како пејач, што во група , што соло, Владо Јаневски ја шокираше јавноста со најава дека ја завршува кариерата! Или поточно, други тоа го сторија во негово име, обзнанувајќи дека неодамнешниот викенд концерт во еден познат клуб во Прилеп, е неговиот последен во овој град.
Имено, „чаирскиот романтичар“ викедот (20 август 2022) гостуваше во клубот „Калипсо“ во Прилеп каде имаше свој настап. Иако речиси сите пејачи и оние домашните и оние кои доаѓаат од регионот во клубовите и дискотеките настапуваат со бенд или барем со сајзерист, Владо во последно време практикува да настапува сам на матрица или на плеј-бек, пеејќи преку сопствената снимка.
Но, добро, секако во таков случај малкумина од публиката разбираат „до какво непрепознавање е доведена суштината на измамата“, ама затоа многумина, особено припадничките на понежниот пол му ги сакаат песните, особено стиховите на Јаневски, па пеел со бенд во живо или сам на плеј-бек – сеедно, ним не им е толку важно. Важно им е да дојдат на неговиот настап и да потонат во емоциите и атмосферата што ги буди песната.
Она што ја шокираше јавноста не е последниот настап во Прилеп, туку објавата на сопственикот на клубот и самиот клуб на нивните официјални Фејсбук страници. На нив е јавно обзнането дека ова наводно бил последниот настап во кариерата на Владо Јаневски на таа сцена и воопшто во тој град, зашто пејачот наводно објавил дека става крај на пејачката кариера?!!
Колку има вистина во сето тоа и дали навистина Владо решил „да се одјави“, ќе мора наскоро самиот да демантира или да потврди!?
Иако на неговата Инстаграм страница на која тој или нејазиниот администратор редовно ги најавуваат неговите следни настапи, за такво нешто сега назнака не постои.
Веќе следниот му е најавен за 10-ти септември во Делчево, па оттаму се наметнуваат две логични прашања:
– Владо Јаневски навистина решил да „отсвири крај“ па да го „обеси микрофонот на клин“ и да ја заврши сопствената пејачка кариера со проштална турнеја по клубовите и дискотеките низ Македонија, а ова е само дискретна најава за таквата негова одлука?
– Или „чаирскиот романтичар“ употребил уште еден од своите познати естрадни трикови „да пушти болва“ за себе, својата приватност, љубовниот живот, сопственото здравје… и слично, само за доплнително да ја заинтригира и „запали“ јавноста секогаш кога ќе почуствува дека му паѓа популарноста, што во случајов е многу поверојатно?
„Што и да е – ќе помине“, како што велат стиховите на една од неговите „позајмени“ песни, ама сепак за нешто поконкретно… Прашајте го Владо?!
Be the first to write a comment.