Обвинение против три физички и едно правно лице покрена тетовското обвинителство за пожарот во модуларната болница во Тетово во кој изгореа 14 лица.
Информацијата за Канал 5 ја потврдија од обвинителството, а обвинителниот предлог е доставен до надлежниот суд.
-Двајцата првообвинети се товарат дека сториле по едно кривично дело – Тешки дела против општата сигурност по чл.292 ст.4 в.в. со чл.288 ст.4 в.в. со ст.2 од Кривичниот законик, третиот обвинет сторил кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија по чл.206 ст.1 од Кривичниот законик, додека обвинетото правно лице сторило кривично дело – Предизвикување општа опасност по.5 в.в. со ст.4 в.в. со ст.2 и кривичното дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија согласно чл.206 ст.2 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик.-ЈОРМ.
Кои се обвинетите лица засега од обвинителството не откриваат, иако според информациите во јавност се работи за екс директорот на болницата и уште две лица кои имале раководни позиции во болницата, односно медицинскиот директор и раководителот на ковид центарот.
Извештајот на крим техничарите беше готов еден месец по несреќата и покажа дека пожарот настанал како последица од куса електрична врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби.
Во истрагата покрај 5-темина обвинители од тетовското и скопското обвинителство, беа вклучени и германски истражители чиј извештај обвинителите го добија годинава во јануари. Деталите од документот не беа објавени во јавноста, но делови од него, според обвинителите, се поклопуваат со сознанијата на македонските крим-техничари.
Дел од предметот се и видео – снимките од ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, од и околу болницата, околните деловни објекти, станбени згради, куќи, како и видео-материјал објавен, од поединци но и од социјалните мрежи.
Во пожарот кој се случи вечерта на 8 септември лани, изгореа 14 лица, од кои 12 пациенти и две лица придружба.
Be the first to write a comment.