Луѓе во униформи на УЧК и знамиња на Голема Албанија парадираат низ Тетово и Гостивар, а граѓаните вознемирени и загрижени од тоа споделуваат фотографиии и видеа на социјалните мрежи. На неколкуте фотографии се гледаат знамиња на Голема Албанија каде е вклучен и дел од Македонија како и луѓе со црни војнички униформи и црвени ознаки на УЧК како се движат низ Тетово и Гостивар.

Од друга страна, според телевизиски прилог на локалната тетовска телевизија на албански јазик во саботата имало погреб на поранешен припадник на УЧК од Тетово кој учествувал во војната на Косово во 1998 година и најверојатно тогаш се направени и фотографии од загрижените граѓани.

Според пренесената информацијата поранешниот припадник на УЧК, Нихил Рамадани живеел во Германија, ама се приклучил во војната на Косово, по што се вратил да живее во германскиот град Хамбург. Откако починал поради болест, за погреб бил донесен во Тетово каде има гробница на повеќе луѓе кои ја носеле униформата на УЧК.

Настанот коинцидира со изјавата од саботата на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека неприфаќањето на францускиот предлог носи ризици од меѓуетнички тензии.

Ќе следеле адекватни пдонесоци

Од СВР Тетово за МКД.мк велат дека настанот бил поврзан со семејна веселба, но дека во координација со јавен обвинител ќе следуваат адекватни поднесоци.

Помеѓу 12 и 13 часот, по улица „Браќа Ѓиновски“ во Гостивар, во непосредна близина на општинскиот објект, забележани се неколку лица кои на коњи се движеле кон центарот на градот, а кои како дел, односно претходница на семејна свеченост, со себе носеле и виореле албански национални знамиња. СВР Тетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар веќе ги идентификуваше лицата и во координација и консултација со јавен обвинител презема соодветни мерки за целосно расчистување и документирање на случајот, по што ќе следуваат адекватни поднесоци, соопшти за порталот портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.