Во основниот кривичен суд во Скопје се објави пресудата за случајот со убиството на ракометарот Денис Тот пред ноќниот клуб „Привилиџ“ во Градскиот парк на 7-ми април годинава. Обвинетите беа прогласени за виновни.

Првообвинетиот Анџело Ѓоргиевски (28) е осуден на 18 години затвор.

Второобвинетата Клементина Левковска (19) доби 18 години затвор.

Третообвинетиот Андреј Костовски (19) 16 години.

Во завршните зборови на рочиште пред десетина дена, обвинителката Тања Трајчевска, побара тројцата обвинети да бидат прогласени за виновни бидејќи, според неа, во судскиот процес се докажало дека тие го сториле кривичното дело за кое се гонеле.

Имајќи предвид, како што истакна обвинителката во завршите зборови, дека откако Тот паднал на асфалтот бил удиран од обвинетите додека беспомошно лежел, тоа зборува дека тројцата обвинети го извршиле кривичното дело со умисла и оти биле свесни дека можат да настанат штетни последици.

Оштетениот, посочи Трајчевска, бил доведен во нерамноправна позиција бидејќи бил нападнат од тројца кои му задале удари по виталните делови од телото, во пределот на главата.

Одбраната, бараше ослободителна пресуда бидејќи според бранителите на тројцата обвините, никој од нив не ги задал ударите што биле фатални за хрватскиот ракометар, а обвинителството не докажало дека се исполнети „битијата“ за кривично дело убиство.

Адвокатот на обвинетата Клементина Лефковска во завршните зборови рече дека таа била жртва на Тот и дека се бранела од неговото малтретирање.