Следбениците на влијателниот ирачки свештеник Моктада ал Садр денеска упаднаа во утврдената Зелена зона во Багдад и зградата на парламентот, барајќи политички реформи.
Чуварите во Зелената зона – во која се сместени парламентот, владините згради и странските амбасади – пукаа со димни бомби за да ги растераат демонстрантите, кои сепак успеаја да излезат на нејзините улици.
Очевидци пријавија жртви меѓу демонстрантите откако непознати лица пукале во зоната. Ирачкиот портал Alsumari News ги пренесе изјавите на извори од безбедносните служби дека тројца демонстранти се повредени.
Немирите дојдоа откако илјадници поддржувачи на Садр се собраа пред Зелената зона за да ја отфрлат номинацијата за премиерската функција на поранешниот владин министер Мохамад Шија ал Судани од страна на проиранскиот политички сојуз.
Демонстрантите го кренаа ирачкото знаме и сликите на Садр, чиј блок обезбеди 73 места во 329-члениот парламент на изборите одржани минатиот октомври. Некои демонстранти ветија дека ќе останат во зоната додека не се исполнат нивните барања.
„Ситуацијата може да се развие доколку нашите барања не се исполнат“, изјави еден од демонстрантите по име Абу Сеџад за ДПА. Премиерот Мустафа ал Кадими ги повика демонстрантите да се повлечат.
Додека блокот на Садр го зголеми бројот на места на изборите во октомври во споредба со претходниот состав на парламентот, проиранските групи претрпеа значителни загуби.
Но, минатиот месец тој блок ги повлече своите претставници поради политичкиот ќорсокак околу формирањето нова влада во земјата. Многу Ирачани не им веруваат на политичарите бидејќи Ирак, богат со нафта, со години се бори со економска и политичка криза.
📸
📸
📸
📸
📸
📸
Be the first to write a comment.