Во пресрет на новогодишните празници Македонската телевизија започна со снимање на забавната програма, која ќе се емитува на 31-ви декември и со која гледачите ќе ја дочекаат најлудата ноќ.

Голем број на фолк ѕвезди се ангажирани во снимањето, кое се одвивало во студио украсено со светкави елки, а дел од нив за ,,Фокус” велат дека националниот сервис годинава подготвува шоу какво што гледачите не виделе досега.

-МТВ годинава ја има најдобрата новогодишна програма, прилагодена за сите генерации. Уживавме во снимањето, се собравме во студиото голем број на колеги, квалитетни музичари, кои подолго се немавме видено, и направивме одлична забавна програма. Веруваме дека оние кои Новата година ќе ја дочекаат во домашна атмосфера, ќе има што да гледаат и слушаат, и ќе си поминат весело. Фалат вакви снимања, емисии, дружења на естрадните уметници кои со децении создавале квалитетна музика за нашиот народ – велат дел од фолкерите кои учествувале во вчерашното снимање на програмата.

Помеѓу оние кои учествуваат во новогодишната програма на МТВ се Ефто Пупиновски, Сузана Спасовска, Мишко Крстевски, Милица Кузмановска, Кате Танева, Сузана Спасовска, Нино Величковски, Марјан Коцев, Кате и Соната, Росана Сариќ- Тодоровска и многу други.

Новогодишната програма ќе се емитува на 31-ви декември, а потоа ќе биде и репризирана.