Клиничка болница „Аџибадем Систина“ го одбележа раѓањето на 20.000-то бебе на Одделот за гинекологија и акушерство. Малиот Блажo, роден на 10 декември, е јубилејното бебе на болницата од основањето на брендот „Систина“ во 2001 година. Новороденчето со спонтано породување го донесе на свет тимот предводен од д-р Бобан Сарџовски, гинеколог акушер.
Во чест на големиот јубилеј, новороденчето ќе добие бесплатен третман во болницата „Аџибадем Систина“ до својата 18-годишна возраст, како и бесплатно породување и апартманско сместување за мајката за време на престојот во болницата.
Малиот Блажo е четвртото дете на семејството Стојанови од Струмица. Ова е и четврто породување на мајката Славица во „Аџибадем Систина“.
– Веста дека моето бебе е 20.000-то бебе на болницата нè изненади и нè направи навистина среќни. Ние сме редовни пациенти и сме премногу задоволни од сите услуги и од целиот тим. Ова е мое четврто породување тука и како и сите претходни, сè помина во најдобар ред. Голема благодарност за дoктор Бобан Сарџовски и за мојата докторка Гордана Петровска која се грижеше за сите мои бремености. Благодарни сме од срце за овој преубав гест и можноста за бесплатен третман на моето дете. Ова зборува многу за грижата на „Аџибадем Систина“ кон своите пациенти со кои заедно ги споделува своите успеси. Ви посакувам уште многу поголеми јубилеи и задоволни пациенти – вели Славица Стојанова, мајката на 20.000-то бебе.
Оваа импозантна бројка од 20.000 новороденчиња е потврда за довербата што брендот ја градеше низ годините и успеа да се позиционира на лидерското место не само во земјата туку и во регионот.
– Ова е навистина голем успех за мене и за моите колеги гинеколози акушери со кои заедно успеавме да ја изградиме успешната приказна на Систина уште од самите почетоци. Сите ние емотивно го доживуваме секој успех бидејќи секој од нас го даде својот максимум за да ја добиеме и зачуваме довербата на пациентките низ годините. Огромна благодарност до менаџментот на болницата. Нивниот визионерски дух и поддршка се причината што денес го славиме овој јубилеј – вели д-р Слободан Дракулевски, гинеколог-акушер.
„Аџибадем Систина“ прерасна во најголемо приватно родилиште
Клиничка болница „Аџибадем Систина“ го создаде најголемото приватно родилиште во земјава каде што годишно се раѓаат над 1.500 новороденчиња. Во грижата за пациентките, на располагање е тим од 22 гинеколози акушери со големо искуство и знаење, 10 акушерки, 50 медицински сестри и друг медицински кадар.
– Целокупниот концепт на болницата – „Acibadem Sistina BABY“ донесе нова димензија во грижата за трудниците и нивните новороденчињa. Како најголемо приватно породилиште, грижата за идните мајки и нивните најмили е приоритет, применувајќи ги сите светски трендови и технологии во областа на гинекологијата и акушерството. На Одделот работат врвни професионалци, па со гордост можам да кажам дека „Аџибадем Систина“ го создаде и Центарот за водење на ризична бременост, со што значително е намалена стапката на предвремено родени новороденчиња. Ние сме и единствената болница што создаде специјални пакети за породување со бројни бенефиции за мајката и новороденчето. Среќни сме што пациентките ги препознаа нашиот квалитет и посветеност, а денешниот јубилеј е само потврда за тоа – вели доктор Гордана Петровска, гинеколог акушер, шеф на Одделот за гинекологија и акушерство.
„Аџибадем Систина“ е лидер и во областа на асистираната репродукција, а во Центарот за ИВФ на болницата е родено и првото бебе зачнато со помош на ин витро технологија.
– Уште од самите почетоци, нашата цел беше да воведеме најнови методи и да го усовршуваме нашето знаење, со цел да ја овозможиме најдобрата грижа за женското здравје. Во оваа голема бројка од 20.000 бебиња, значаен дел имаат и новороденчињата зачнати со помош на асистираните репродуктивни технологии. Благодарение на ИВФ-центарот, го исполнивме сонот на илјадници семејства – вели д-р Слободан Лазаревски, шеф на Центарот за ИВФ во „Аџибадем Систина“.
Со цел да овозможи целокупна грижа за новороденчињата и следење на нивниот понатамошен развој, во „Аџибадем Систина“ функционира Одделот за неонатологија (амбуланти и стационар), како и високоспецијализираната Единица за неонатална интензивна нега каде што за критично болните и предвремено родените бебиња се грижат најдобрите професионалци во земјава. Во 2020 година, „Аџибадем Систина“ ја создаде и најголемата приватна педијатриска болница и единствен педијатриски кардиохируршки центар, кој нуди рана дијагностика на срцеви заболувања уште во текот на бременоста и нивниот третман.
– Довербата на пациентите се наша потврда за квалитет, но и обврска да продолжиме и понатаму да инвестираме во нашето знаење и во нови технологии, со цел да ја овозможиме најдобрата грижа. Јубилејната бројка е само поттик за понатамошни инвестиции и максимална посветеност на женското здравје и здравјето на идните поколенија – велат од „Аџибадем Систина“.
Be the first to write a comment.