Меторологот аматер Славчо Попоски, чии прогнози многупати се покажале точни, најавува дека во следните часови и во текот на претстојната ноќ територијата на Македонија ќе биде под влијание на голем влажен воздушен бран од Медитеранот што ќе предизвика невреме.

„Локално ќе биде и нестабилно со интензивен пороен дожд (над 30 л/м2), грмежи и силен ветер (над 65 км/час) и од јужен правец. Поради ваквата состојба, можна е и појава на невреме кое може да услови локални поплавувања, па токму поради ова препорачуваме крајна претпазливост!

На највисоките планински врвови, и тоа особено на северозапад ќе има услови за врнежи од снег. Променливото време ќе се задржи и во следните неколку денови кога се очекуваат и нови поинтензивни врнежи и силен јужен ветер. Снег ќе врне само на највисоките планински места.

Температурите ќе бидат нешто пониски во периодот кој што следува и максималните дневни ќе се искачуваат во интервалот од 10 до 16 степени“ – пишува Попоски на социјалните мрежи.