Нешто пред пладне во средата, дете старо само три и пол години исчезнало во битолското село Буково, пишува „Фокус“. Претседателот на Месната заедница од селото, Горан Кабровски, раскажува дека момчето било пронајдено по цели три часа, како стои среде река, а на родителите и на полицијата им раскажало дека возрасен маж го зел од дворот и го однел во шумата.

Родителите, иселеници кои десетина години живееле и работеле во Германија, биле на одмор во родното Буково. Тие, вели Кабровски, потресени од случајот, понудиле награда од 100.000 евра за оној кој има информација која ќе доведе до пронаоѓање на киднаперот на нивното дете.

-Телефонот постојано ми ѕвони од средата, откако се случи настанот, затоа сакам уште еднаш јавно да раскажам детално за случајот, во надеж дека ова лице ќе биде пронајдено. Жителите се премногу вознемирени и стравуваат за своите деца, апелирам да се покаже најголема ажурност од службите и да се дознае вистината – вели Кабровски.

Тој додава дека таткото на момчето бил негов пријател, и веднаш штом забележале дека го нема, му се јавиле телефонски, бидејќи тој имал дрон. Тој пак, ги алармирал сите сожители, и за кратко време се собрало доста народ пред куќата на момчето.

-Бев во Битола кога го добив повикот од вознемирениот татко. Се вратив веднаш во Буково, дојдоа многу луѓе, дојдоа од горската служба, веќе започнавме со потрагата, полицијата дојде потоа. Тоа беа моменти на огромен страв, родителите беа избезумени од грижа. Поради густите грмушки, со дронот не можевме да видиме ништо. Местото каде дури во 14 часот го најдовме детето, како стои среде река, која за среќа не е многу длабока, пред тоа неколкупати го пребаравме. Се создаде голема паника помеѓу мештаните, тоа беа многу лоши сцени. Момчето не зборува македонски, туку германски, и потоа, откако го најдовме, преплашено му раскажа на татко му што се случило.

Според него, додека си играло во дворот, му пришол маж со средна висина, со црна кадрава коса, кој зборувал македонски, но и германски. Му рекол – Јас сум Мрзливко, ајде дојди заедно да си играме криенка.

– Тоа е мало дете, му дало рака и заминало со него. Го одвел во шумата, а откако ние масовно започнавме да го бараме и да го довикуваме, го скрил во грмушките и му се заканил да не вика, бидејќи ако прозбори, нема да го врати кај татко му. Потоа, го однел во реката и го ставил таму, среде вода. Верувам дека станува збор за лице кое не е од Буково, и апелирам за негово најбрзо пронаоѓање. Немам никаков сомнеж дека детето не ја зборува вистината, во целост му верувам, разговараа и психолози со него, тоа беше толку преплашено од целата случка – вели претседателот на Месната зедница.