Статус на професорот по Механика од Битолскиот универзитет, Дејан Трајковски:

„Најновиот муабет кај чешмата на сретсело е нискиот рејтинг на македонските универзитети на Шангајската листа. Небаре таа листа е некакво волшебно стапче коешто ќе донесе пресврт во квалитетот на високото образование кај нас.

Јас лично немам никакви комплекси ниту чувство на инфериорност во однос на најпрестижните светски универзитети, барем што се однесува до наставата на моите предмети, динамика и осцилации, јакост на конструкциите, теорија на механизмите и машините и роботика.

Го предавам истото што го предаваат на светските универзитети, а по роботика дури ја користиме и истата книга според која што работат на Универзитетот Стенфорд. Ние инженерите можеме да читаме дури и од јапонски книги, затоа што зборуваме на ист јазик – јазикот на цртежите и формулите.

Во состојба сум да решам и да објаснам било каква задача од нивните учебници, ама и веднаш да утврдам дали некој решава точно или не.

Уште од студентски денови сум учел од руски книги и руски збирки на задачи по теоретска механика, најдобрите на светот.

За да се проверам самиот како стојам со знаењето, го положив американскиот инженерски GRE тест со резултат во највисокиот 1%-перцентил (99% имале полоши резултати) меѓу 17.000+ дипломирани инженери ширум светот. Очигледно учењето и знаењето не биле лажни.

Значи, мојот дел од патот сум го поминал, на ред се сега студентите да го поминат. Но, кој да го помине? Деца чија образовна возраст е просечно 4,5 години зад нивната календарска возраст и коишто на Писа тестирањата редовно се рангирани меѓу последните на светот?

Деца коишто со сила ги запишале во задолжително средно училиште, таму завршувале одделенија со решавање едни исти задачи, па дури и со однапред давање на тестовите за да ги видат дома. Пишувањето и прегледувањето домашни задачи е одамна напуштена и заборавена работа.

Се запишале на факултет без никаков приемен испит, па дури и да имало, истиот би бил лажиран, односно спроведен само про-форма. Зошто пак би ги тестирале реално, кога треба да се пополнат гигантските квоти на 135-те македонски факултети, коишто се борат за студент (односно мушерија) повеќе?

Тие студенти им се потребни на факултетите само за да ја лажат државата дека сé е во ред и за да продолжат да добиваат пари за плати.

Впрочем, самата држава ги предизвикала факултетите да лажат, за да продолжи нивното несреќно битисување.

Во текот на студирањето им се дава и им се бара само некаков формален минимум, бидејќи секако мораат сите да завршат „за да не им го затвореле факултетот“.

Професорите кои сакаат да ја работат совесно својата работа се шиканирани од управата, но и од колегите, затоа што сите се уплашени дека можат да останат без студенти, па и без работа.

Во такви услови и со студенти со мизерни предзнења нема квалитетно образование. Бадијала се и книгите од Стенфорд и знаењето и трудот на професорот, кога СТУДЕНТОТ Е НАЈВАЖЕН во процесот на учење.

За каков квалитет и каква Шангајска листа тогаш зборуваме? Сé додека 135-те факултети не се сведат на триесетина, додека не се укине задолжителното средно, додека не се воведе реален приемен испит и реално оценување, додека не се отстрани притисокот врз професорите за реално оценување, не бидува ништо од ова осакатено лажно образование.

Таквите дипломи воопшто не се разликуваат од фалсификуваната диплома на „докторот“ од Вевчани, со таа разлика што во случајот на дипломите добиени без знење нема никакви законски консеквенци. Сé е формално правно во ред, иако фактички ништо не е во ред.

Најпрво мора да се среди образованието во сите степени, од основно до високо, па дури потоа ќе зборуваме за наука и Шангајски листи.

Ако постои искрена желба за средување на образованието, постепено ќе се среди и науката.

Но, во една ваква дезорганизирана и полураспадната држава, тоа нема никогаш да се случи.“