Грчките сеизмолози се загрижени по новиот земјотрес од 5 степени Рихтер во Евија, кој беше регистриран вечерва во 22 часот и 6 минути по грчко време. Земјотресот траел долго и силно бил почувствуван во Атика, додека има информации дека е почувствуван дури и на Миконос!

Жителите се вознемирени и излегле од своите домови да преноќат во своите автомобили.

Според evima.gr, претседателот на заедницата Заракон, Христос Транос, рече дека новиот земјотрес со јачина од 5 степени по Рихтер создаде нови проблеми, бидејќи „од некои куќи паднаа скали, додека пукнатините создадени од утринскиот земјотрес во куќите, училиштата и други објекти се влошија“.

„Ние сме претпазливи и го следиме феноменот во сеизмички непознато подрачје, бидејќи во минатото не предизвикал силен земјотрес. Иако првично се мислеше дека главниот земјотрес е утрото со јачина од 4,8 Рихтери, сега со новиот земјотрес сликата се менува. Можеби се соочуваме со низа настани, но ќе треба да видиме како ќе продолжи феноменот“, изјави за protothema.gr претседателот на Организацијата за антисеизмичко планирање и заштита, Ефтимис Лекас.

Сеизмологот Герасимос Пападопулос повика на смиреност. „Ја следиме еволуцијата“, додаде тој.

Акис Челентис даде своја проценка за земјотресот во својот пост.

„Само што имавме малку поголем земјотрес (поголем за 2 десетинки од Рихтер) со јачина од 5,0. Со новиот земјотрес се менуваат фактите и треба да почекаме малку за да го видиме развојот. Како што повеќепати спомнав денес, жителите треба да избегнуваат камени куќи. Последниот земјотрес ќе има своја постсеизмичка секвенца“, изјави директорот на Геодинамичкиот институт во Атина.