Кумашинот на поранешниот премиер Зоран Заев, Горан Митров – Гна, очигледно ги следи модерните бизнис текови, па последната амбиција му е влегување во бизнисот со електрична енергија, објави Фактор.мк.

На крајот од овој месец, струмичкиот бизнисмен ја регистрирал компанијата „Грин Енерџи Гна“ во Сушица, Општина Ново Село, а за управител е поставена неговата ќерка, некогашната популарна инфлуенсерка Љупка Митрова.

Не е познато од кои обновливи иозвори на енергија ќе се произведува електричната енергија, но на крајот од минатата година Митров во Сушица започна бизнис со млеко, па останува да се види дали струјата ќе се произведува од биогасна централа.

Освен млекарницата, Митров истовремено формираше и фабрика за одгледување канабис, исто така во Сушица. Податоците од Централниот регистар покажуваат дека струмичкиот бизнисмен на 13 декември поднел пријава за основање на друштво за производство, трговија и услуги „Канабис ГНА“. Дејноста е одгледување на зачински, ароматични и лековити растенија и на растенија за употреба во фармацијата.

На истиот ден Митров поднел пријава за основање на „Млекара ГНА“, за преработка на млеко и производство на сирења, исто така во Сушица. Митров е познат како амбициозен фармер во Струмица и околината, но и по тоа што во некои медиуми веќе се пишуваше дека му е кумашин на премиерот Заев и бизнис-партнер со членови од неговото семејство.

Синот Душко и братот Вице на поранешниот премиер неодамна основаа компании за производство на електрична енергија, а големи амбициозни потфати со соларните централи имаат неговите бизнис-партнери – синот Горан Крстев и таткото Симеон Крстев.