Катарина Гомез (18) итно била пренесена во болница со изгореници на повеќе од 60 отсто од телото, откако била нападната од нејзиното поранешно момче. Младата Перуанка починала по шестдневна агонија во болница.

– Се бореше да преживее, но за жал степенот на физичко оштетување не им дозволи на лекарите да и’ го спасат животот а потоа за жал, бевме известени дека умрела – објави на телевизија министерката Ненси Толентино.

Според полицијата, сторителот на ова убиство е 19-годишен Венецуелец, кој побегнал откако ја полил Гомез со бензин пред да ја запали, во близина на плоштадот Втори мај во центарот на Лима.

Неколку дена претходно, младата девојка решила да ја прекине нивната врска. Толентино се пожали дека налогот за апсење на осомничениот бил издаден дури во четврток, 23 март, пет дена по фаталниот напад.

– Полицијата ми вети дека ќе направи сè за да го пронајдеме – додаде таа.

Министерката за жени и ранливо население ги повика жените да не се согласуваат сами да се сретнат со својот поранешен партнер во случај на раскинување.