Расте загриженоста кај грчките власти кои го истражуваат случајот со страшната несреќа во која загина британскиот државјанин Џек Фентон (22).

Како што јавуваат грчките медиуми, причина за тоа е односот на пријателите на младиот Британец, кои биле со него во хеликоптерот, но исчезнале по трагедијата и грчките институции не можат да воспостават комуникација со нив, со цел да се расветли големата трагедија.

Како што пренесува МЕГА, надлежните претставници на Комитетот за истрага на несреќи и безбедност на летот кои ја презеле истрагата за смртта на Џек Фентон, направиле очајнички напори да контактираат со очевидците на трагедијата, но тоа се покажало невозможно.

– Тие упатија десетици повици на мобилните телефони, но од ноќта на трагедијата телефоните останаа исклучени. Како што нагласуваат самите извори, исказите на тројцата пријатели на 22-годишниот се исклучително клучни за надлежните да утврдат што точно се случило во понеделникот попладне на хелиодромот во Шпата во близина на Атина, јавуваат медиумите.

Ново сценарио од Дејли Меил: Џек го заборавил мобилниот телефон во хеликоптерот и тргнал назад за да го земе

Во меѓувреме, се појави нова верзија за смртта на 22-годишниот Џек Фентон, барем според она што го пишува британски Дејли мејл.

Според британското издание, полициските истражители сега го испитуваат сценариото дека младиот Џек излегол од хеликоптерот, но откако го заборавил мобилниот телефон внатре, истрчал назад да го земе при што од невнинамие се случила кобната трагедија.

Портпаролот на грчката полиција изјави за Мејл онлајн:

„Нашата истрага продолжува, но сега е фокусирана на случајот дека Џек го заборавил својот мобилен телефон во хеликоптерот и затоа одеднаш се вратил кон него за да го земе. Сè уште истражуваме, но некои очевидци го виделе со мобилен телефон во рацете неколку моменти пред да биде усмртен. Кога ќе ја завршиме истрагата, ќе го испратиме досието до обвинителот, кој ќе одлучи дали треба да биде покренато обвинение“.

Според британската веб-страница, Јоанис Кондилис, шеф на Комисијата за истрага на несреќи и безбедност на летот, за грчките медиуми изјавил дека „од сведочењата што ги собравме, никаде не се чини дека младиот човек сакал за да направи селфи, но сепак се нашол на задниот дел од хеликоптерот. Извештаите велат дека 22-годишниот држел мобилен телефон и го држел до увото, но се уште не е јасно дали зборувал или едноставно се враќал кај пријателите.’

Вреди да се напомене и дека сестрата на Џек Фентон вчера ги отфрлила тврдењата дека 22-годишникот прави селфи и не забележал дека пропелерот што го усмртил се уште работи. Веста за селфито, сепак, прв ја објави самиот Дејли Мејл…