„Опасно по живот“ е испишано со спреј во боја на ѕидот над чешмата каде се испушта смртоносен гас, од кој вчера загинаа двајца битолчани, објави порталот САКАМ ДА КАЖАМ (СДК.мк).

Ова е единственото предупредување да не се полни вода од овој озлогласен извор во месноста Кисела Вода во атарот на село Бистрица, Битолско. Пред јамската чешма има дрвена ограда со затворено катанче, но на неа виси и клучот, па може секој слободно да стигне до изворот и да наполни вода. Друга табла или предупредување не се поставени. Ден по смртта на двајцата браќа А. Н. (68) и К. Н. (63) од Битола кои се угушија кај чешмата во Кисела Вода, а и денес уште се чувствуваше присуство на гас кој зашеметува дури и во околината на чешмата.

Од Општина Битола одговорија дека претходно го имале обезбедено просторот кај изворот со поставување челична мрежа и табла за забрана за слегување и полнење на вода.

ФОТО: САКАМ ДА КАЖАМ

„Во моментот, истите се отстранети од непознати причини. Кој и зошто ги отстранил, потребно е да биде проверено од надлежните институции. После вчерашниот несреќен случај, за кој Општина Битола изразува големо жалење, повторно ќе биде поставено соодветно предупредување за опасностите кои постојат на ова место, а имајќи ја предвид законската регулатива, Општината ќе се обрати до сите надлежни државни институции за институционална координација во решавањето на овој сериозен проблем“, одговори Општината.

На цела Битола ѝ е познат овој феномен, дека повремено се испушта гас кој убива зашто чешмата е десет сакалички спуштена под земјиното ниво и гасот е потежок, па останува долу без можност за проветрување. Сепак, има битолчани кои и понатаму го ставаат животот во ризик и таму полнат вода за пиење.

„Евее овие двајцата полнеа. Дестина души знам полнат вода таму. Ако не дишеш можеш да влезеш внатре. Ако има гас лути в очи, штом лути бегај, не влегувај. Показателот е тој. Да влезеш без дишење. Овие двајцата браќа што починаа идеа еднаш неделно. Познато им беше дека испушта гасови водата одвреме навреме, не постојано. Пред еден месец друго лице се задуши. Во последните 3 години чешмата има одземено 4 животи“, вели Иљо Илиевски, домар на црквата во Сребрена Вода која се наоѓа во близина и каде водата е исправна за пиење и нема гасови.

Други битолчани, за да испитаат дали има присуство на гас кај чешмата кога слегуваат палат запалка, ако пламенот гасне, заклучуваат дека долу нема кислород. И покрај цела опасност која демне, сепак има луѓе кои веруваат во лековитите својства на водата и ја полнат во шишиња, па ја чуваат. И денес до чешмата имаше шичиња за вода кои веројатно останаа од битолчаните што починаа вчера.

Во минатото, чешмата беше поплитко поставена и до неа се стигнуваа само неколку скалила, па гасот се ветрееше. Но, потоа беше поместена наназад и подлабоко во земјата, по што има одземено над 10 животи. Меѓу починатите се и двајца матуранти кои слегле да наполнат вода.