Случајот „Алфа“ никако да излезе од судските лавиринти, а осуденикот Агим Ислами веќе 15 месеци чека одлука околу тоа дали ќе има повторно судење и расветлување на случајот. Судските органи постојано ветуваат дека наскоро ќе донесат одлука, но поради административни грешки, предметот речиси 3 месеци „талка“ од Апелациониот, до Кривичниот суд. Злосторството што се случи на 26 ноември 2008 година. Тогаш беа ранети уште двајца други полицајци.
ТВ21 дознава дека неодамна осудениот Алмир Дрпљанин поднел уште една жалба против пресудата.
„Предметот е дојден, рефериран е и бидејќи има нова жалба одлучено е повторно да се врати во Вишото јавно обвинителството во Скопје да се произнесат по ново изјавената жалба. Кога ќе се врати предметот, тогаш ќе се продолжи со постапката тука“, велат од Апелационен суд.
Агим Ислами е речиси 15 години во затвор, а е осуден на доживотен затвор за убиството на полицаец Албанец во 2008 година што се случи на паркингот на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Пресудата за овој случај беше донесена во април 2010 година – на доживотен затвор беа осудени Реџаил Ќерими од село Опаје од Куманово и Агим Ислами од Скопје. На девет години затвор беше осуден Рамадан Шаќири како соучесник. Доживотен затвор доби и Алмир Дрпљанин, кој беше во бегство, а подоцна екстрадиран во Македонија за да ја одлежи казната.
Еден од приведените во овој случај е Рамиз Даути, кој беше ослободен поради недостиг на докази. Рамиз тврди дека Агим Ислами е невин бидејќи, како што раскажува, дента кога се случи убиството тој бил во ресторанот на Агим. Според него, Агим тогаш имал само 21 години и работел како готвач, и немал вештини за управување со оружје како што се гледа на видео снимката.
Поранешниот затвореник, Рамиз Даути, тврди дека Агим не го извршил убиството. Според него, последното вештачење направено во Србија, покажало дека осудените за овој случај немаат никаква врска со убиството.
„Агим секој ден чека да излезе на слобода поради тоа што тој се познава себеси и знае дека е чист и невин“, вели Рамиз Даути.
Даути бара од судот да постапат по предметот што е можно поскоро. Смета дека доцнењата се прават со единствена цел – одолговлекување на случајот.
„Да беше функционална држава и да имаше некорумпирано судство, а не како што е ова сега во кое воопшто немам доверба, мислам дека воопшто немаше да има потреба да ми ги поставите ова прашање. Досега Агим требаше да биде на слобода, предметот да биде вратен на повторно судење и да почнат другите фази за одбрана со аргументи и факти кои ги имаме за одбраната на Агим“, додава Рамиз Даути.
Груби убеден дека Агим е невин
И првиот вицепремиер, Артан Груби во „Клик Плус“ рече дека Агим Ислами не треба да биде во затвор и дека треба да има одговорност за институционалното одолговлекување. Груби синоќа во Клик плус рече дека е убеден дека тој е невин.
-Што повеќе да ви кажам кога велам дека сум убеден и јавно кажувам дека Агим Ислами не треба да биде таму каде што е. Упорно ќе бара, од Апелација, од Судот Скопје 1, од сите, предметот да се суди повторно врз основа на новите информации што ги имаме-рече Груби.
Кривичниот суд не може да донесе одлука за можно повторно судење за случајот, поради тоа што дел од досието е во Апелација. Членовите на семејствата бараат за предметот на Агим Ислами да се постапува одвоено, поради тоа што и судењето за Алмир Дрпљанин се водеше во посебна
постапка.
Експерт тврди дека силуетата која ја има на видеото не одговара на Агим
Направени се многу грешки во судскиот процес поради кои двајца се осудени на доживотна казна за убиството на полицаец и тешко ранување на двајца полицајци на паркингот на ПМФ во напад во 2008-ма, ова го тврди српскиот експерт Ненад Шипка, кој е ангажиран од семејствата на осудените Реџаил Керими и Агим Ислами.
Шипка тврди дека една од грешките во процесот била таа што вештаци од МВР сведочеле на суд иако законски е забрането, вештачење да вршат експерти кои работат во иста организација како оштетените. Но, од снимките кои ги работел и форензички вештачел, според него нема докази дека осудените за убиство и напад врз патрола на полициските алфи воопшто се виновни.
-Утврдивме дека силуетата која ја има на видеото не одговара на Агим, и одговорно тврдам дека Агим Ислами го нема на снимката односно дека Агим Ислами не го извршил чинот на пукање на проектили во возилото мазда кое било на паркингот пред ПМФ. Друг момент кој во пресудата има погрешно утврдена фактичка состојба е тоа што е наведено дека во пукањето учествуваат 5 лица. Ние со анализа на фрејмовите на видео-снимката утврдивме дека станува збор за 4 лица, рече Ненад Шипка.
Тричлената полициска патрола беше нападната на паркингот на 28-ми ноември 2008-ма година. Алфата Африм Арифи загина веднаш на лице место, додека двајцата други полицајци беа изрешетани, а еден од нив е доживотен инвалид од раните здобиени во заседата. Покрај доживотно осудените Ислами и Керими, за нападот како главен организатор е осуден Алмир Дрпљанин кој во бегство беше осуден на доживотна казна, но по апсењето на Косово и екстрадицијата во Скопје, на ново судење за крвавиот напад доби 20 години затвор.
Be the first to write a comment.