Гробот на младото момче Мартин Костов од селото Чешиново, кое во ноември минатата година загина во сообраќајка во Малта, се уште е без споменик, иако пари за тоа биле дадени неколку дена по неговиот погреб.

Семејството Костови се договориле со погребалната фирма „Вечен рај“ од Кочани, споменикот да биде готов до поменот од 40 дена на момчето, платиле со пари од хуманите граѓани, бидејќи поради скапиот транспорт се собираа донации за да телото на Мартин биде донесено од Малта и погребано дома.

Семејството Костови за ММС потврди дека споменик на Мартин се уште не е направен. Велат дека не обвинуваат никого, ниту фирмата „Вечен рај“, кое на нивна сметка го пренесе телото на младото момче од аеродромот во Скопје до Чешиново, туку само се плашат дека неговиот гроб и на поменот за шест месеци ќе биде без споменик, кој е платен од донирани пари.

-Во ноември фирмата „Вечен рај“ од Кочани се понуди без пари да го транспортира телото на брат ми од аеродромот во Скопје, до гробиштата во Чешиново и тоа и се случи. По неколку дена јас на сопственикот му дадов 120.000 денари за споменик, кој ми рече дека ќе направи и настрешница, бидејќи тука освен брат ми е погребан и татко ми. Ова се пари од донацијата, сакаме да бидат искористени исклучиво за тоа, сепак се пари од хумани граѓани. Кога му ги дадов парите се договоривме до 40 дена на брат ми споменикот да биде готов, а тоа беше околу Свети Никола. Кога видовме дека нема споменик на 40 дена го прашав сопственикот зошто не е направен, а тој ми рече дека немал пари и ми вети дека во најскоро време ќе го направи. Од тогаш се поминати пет месеци и од споменикот нема ништо, вели Иван Костов и додава:

-На почетокот ми велеше дека ќе го направи да не се секирам, но еве се наближува шест месечен помен на брат ми, а од споменикот нема ништо. Последен пат му се јавив пред 3-4 дена и пак ми го рече истото – ќе биде, ќе го направам. Ми рече и дека нешто не бил добар, па да се опорави ќе го направи. Нам ни е страв, помина многу време и се плашиме дека и за шест месеци ќе биде истото. Не знаеме што да правиме. Не знаеме како да постапиме во овој случај. Мајка ми се нервира многу, секако и јас и брат ми. Сепак, таму се погребани нашите најмили, ни рече Иван.

ММС се обрати и до фирмата „Вечер рај“ од Кочани. Сопственикот Гариб Мемиш рече дека нема никаков проблем, дека поради здравствени проблеми се доцни и вети дека денес се’ ќе биде готово. Испрати и фотографии од споменикот, како доказ дека е речиси е направен.

-Споменикот е готов и денес ќе биде монтиран. Не го монтирав, задоцнето е, бидејќи имав здравствени проблеми, имав операција, ни рече кусо тој и вети дека ќе испрати и фотографии од споменикот кога ќе го постави.

Мартин Костов (32) загина во сообраќајна несреќа во Слиема, Малта, каде со години живеел и работел. Италијанската полиција тогаш соопшти дека мотоциклист загинал откако доживеал сообраќајна несреќа во Слиема. Мотоциклистот, 32-годишен маж од Македонија, возел „Пијаџо веспа“ со кој дошло до судир со „Исузу Д-Макс“ што го управувал 29-годишен Сириец, жител во Марсаскала.

На Мартин му била укажана прва помош од лекарски тим пред да биде пренесен во болницата Матер Деи, каде што починал.