Полициски службеници од СВР Куманово, заедно со инспектори од Државниот пазарен инспекторат вчера (18 март) извршиле контрола на правни и физички лица кои вршат дејност од областа на девизното работење, преку купување и продажба на ефективни странски и домашни пари, при што кај четири физички и правни лица се констатирани неправилности, односно работење спротивно на Законот за девизно работење на РСМ.
При контрола на правно лице во Куманово, чиј управител е М.К., утврдено е дека не поседува Решение за вршење на дејност од НБРСМ, ниту Лиценца за вршење на продажба и купување на ефективни странски и домашни пари. Кај правното лице како нерезидент на НБРСМ во моментот на контролата во касата за дневен промет се пронајдени голем износ на домашни и странски пари во различни валути, меѓу кои и: 4,7 милиони денари, 41,4 илјади американски долари, 2,7 илјади евра, 1,1 илјада швајцарски франци, 4,2 илјади бугарски левови и др.
За време на контролата било констатирано дека и правно лице, чиј управител е Д.М. од Куманово, не поседува Решение за вршење на дејност од НБРСМ, ниту Лиценца за вршење на продажба и купување на ефективни странски и домашни пари, а во касата за дневен промет располагало со ефективни домашни и странски пари во голем износ, и тоа: 321,6 илјади денари, 630 евра и 320 американски долари.
Во деловен објект – менувачница без регистрирано правно лице, во сопственост на М.А. од Куманово, е утврдено дека нема регистрирано правно лице во Централен регистар на РСМ, а не поседува ниту Лиценца ни Решение од НБРСМ за вршење на менувачко работење. Во моментот на контролата М.А. противправно поседувал домашни и странски валути во износ од 325 евра, 100 американски долари, 4,7 илјади швајцарски франци, 34,5 илјади денари, 4,8 илјади српски динари.
На Градскиот плоштад во Куманово, затекнат е М.С. од Куманово како врши менувачко работење спротивно на чл.54 од Законот за девизно работење и кај него се пронајдени 30 илјади српски динари, 2,7 илјади бугарски левови, 700 евра, 1,5 илјади швајцарски франци, 162 американски долари и 65,3 илјади денари.
За констатираната состојба спротивно на чл.54 од Законот за девизно работење на РСМ кај овие правни и физички лица беше известен дежурен Јавен обвинител од ОЈО Куманово и по целосно расчистување и документирање на случаите од страна на ОКП-ОЕК при СВР Куманово ќе биде изготвен соодветен поднесок, информира МВР.
Be the first to write a comment.