Шестгодишно девојче од Австралија е повредено и во тешка состојба во болница откако било искасано од куче од расата булмастиф.

Кучето во понеделникот околу 16.30 часот скокнало и го одвлекло девојчето од оградата на која седела во дворот на куќа во Вудриџ, во близина на Бризбејн. Девојчето се здобило со повреди на абдоменот, градите и рамото и било пренесено во детската болница во Квинсленд, каде е во тешка, но стабилна состојба, изјавија здравствените власти за Дејли Мејл во вторникот.

Во болница е и 20-годишен роднина кој се повредил во обид да го спаси девојчето од кучето. Тој ја прескокнал оградата за да и помогне и се здобил со повреди на ногата. Тој е во стабилна состојба. Властите го затвориле кучето по нападот.

„Дејли мејл“ пишува дека ова е втор напад на куче од иста раса, откако во неделата во Мелбурн, на медицинска сестра, на возраст од 60 години, и било одгризано увото од булмастиф. Хирурзите не успеале да и го сошијат увото, поради што ќе добие протеза – но жената е во стабилна состојба.

Сопственичката на кучето изјавила дека не знае што го предизвикало нападот на „инаку слаткото куче“. Властите го затворија и се очекува да го успијат. Нападот, како што пишува „Дејли мејл“, се случил и покрај постојаните повици за забрана на опасните раси на кучиња, по серијата напади низ годините.