Родителите на Арчи Батерсби, 12-годишното момче од Британија кое со месеци е во кома, ја водат последната правна битка за животот на нивниот син.
Тие бараат дозвола момчето да го пренесат од болница во Лондон, каде што се лекува, во медицински центар „за достоинствен крај“, како што изјавила мајката на момчето Холи.
„Ако одбијат да го однесат во центар, тоа ќе биде едноставно нехумано и против достоинството на Арчи“, рече таа во изјавата, додавајќи дека „ќе се бориме до крај за правото на Арчи на живот“.
Нивното барање е под судска проверка, јавува Би-Би-Си.
Вчера жалбата на родителите до Европскиот суд за човекови права беше одбиена, со пресуда дека не е надлежен.
Постоеја претходни одлуки на британските судови во прв и втор степен, кои пресудуваа дека лекарите можат да го исклучат момчето од машините што го одржуваат во живот. Според проценките на лекарите, нема можност за заживување, а посочуваат дека Арчи е во значителен ризик и со транспортот.
12-годишникот бил на механичка поддршка и лекарства од 7 април, кога бил пронајден во несвест. Можеби, како што шпекулира неговата мајка Холи, тој учествувал во некоја опасна онлајн игра-предизвик.
Тој, според неговата мајка, учествувал во предизвикот „затемнување“ на TikTok. Во овој предизвик децата ставаат ремен околу вратот. Го стискаат и се снимаат додека не ја загубат свеста. Лекарите велат дека момчето е во состојба на мозочна смрт, го држат во кома во болница во Лондон.
Во средината на јули, британскиот суд и дозволи на болницата да ја прекине грижата за одржување на животот на момчето.
Оценката на лекарите која беше прифатена и од судовите е дека тој нема мозочна функција и не реагира на дразби.
Судските пресуди им дадоа право на лекарите да ги исклучат апаратите од среда, но жалбата до ЕСЧП го „замрзна“ процесот. До конечната одлука за судбината на момчето, ништо нема да се промени во неговото лекување.
Неговите родители, Холи Денс и Пол Батерсби, со поддршка на христијанско здружение, се уште се решени да го одржат својот син во живот и поднесоа неколку приговори во итна постапка.
Во средата наутро се обратиле до ЕСЧП бидејќи исклучувањето на уредите на кои било вклучено момчето било планирано за среда попладне, според новата одлука на британскиот Врховен суд.
Жалбата е поднесена врз основа на член 39 од неговиот деловник, според кој судот може да определи „привремена мерка“ кога барателите се изложени на „реална опасност да биде предизвикана непоправлива штета“ по нивниот живот.
Родителите го наведоа, меѓу другото, неуспехот на Обединетото Кралство да се придржува кон одлуката на Комитетот на ОН за правата на лицата со посебни потреби, кој во петокот побара од британската влада „да се воздржи од скратување на какви било медицински процедури кои го одржуваат Арчи во живот“ додека тој не го проучи предметот.
Родителите во жалбата се повикаа на одредбите од Европската конвенција за човекови права за правото на живот, фер судење, почитување на приватноста и семејниот живот и верската слобода.
Но, ЕСЧП оцени дека во овој случај не треба да се „меша“ во одлуките на британското правосудство, кое се изјасни за прекин на медицинската нега.
Be the first to write a comment.