Со нето-добивка од над 130.000 евра, канцеларијата на извршителката Катерина Кокина остварила најголем профит во 2021 година. Добивките на извршителите, обично, предизвикуваат негативни реакции во јавноста, но Кокина вели дека тие се огледало за успешноста на реализацијата на извршните исправи, односно дека „јавноста не би требало да демонстрира негативен прием на веста дека ефикасно се спроведуваат судски и останати одлуки.”

Кокина не се крие од јавноста. Таа со задоволство прифати да зборува за порталот Пари. Најголем успех, како што вели Кокина, и е наплатата на 5,5 милиони евра во едно извршување. Таа објаснува и дека во сите европски земји, освен во една, постои приватно извршување.

Причините за приватното извршување, Кокина ги објаснува со поставување на прашањето: „Зошто треба државата да троши средства за побарување коешто е помеѓу две приватни лица?”, а потсетува и на тоа дека извршувањето во судот беше бавно и неефикасно.

Пари: Дали по објавувањето на Вашето име, како извршителка со најголем профит во текот на минатата година, се соочивте со негативни коментари во јавноста?

Кокина: Со објавувањето на моето име како извршител со најголем профит добив сатисфакција за мојот ангажман и залагањето во спроведување на правдата преку успешна реализација на извршните исправи. Клиентите и соработниците, секако, изразуваат задоволство дека добиваат, да речеме, некој вид јавна потврда дека соработуваат со извршител што работи ефикасно. Јавноста не би требало да демонстрира негативен прием на веста дека ефикасно се спроведуваат судски и останати одлуки.

Пари: Сметате ли дека законската регулатива е праведна кога дозволува да се направи нето заработка од над 130.000 евра за една година од наградите и другите надоместоци кои следуваат во процесот на извршување?

Кокина: Законската регулатива не може да биде проценета дали е добра или лоша ако не е познат следниот податок: извршниот процес го спроведува извршителот, за што ангажира сопствени материјални ресурси и персонал. При спроведување на процесот, извршителот одговара за законитоста.

Одговара материјално, кривично и дисциплински. Се поставува прашање дали ваквата одговорност и ангажман на извршителот е соодветно наградена ако се земе предвид дека во една извршна постапка од вкупните извршни трошоци извршителот задржува околу 20 проценти. Останатите трошоци одат кон проценители, геометри, полномошници на странките и други материјални трошоци. Истовремено, треба да се има предвид заработувачката на сите канцеларии, како и компаративно тарифите и профитот остварен во соседните земји.