Две британски момчиња на возраст од седум и девет години се удавија во езеро во западна Германија. Момчињата биле извлечени од езерото неколку часа откако нивните родители пријавиле дека се исчезнати, соопшти полицијата.

На лице место пристигнала брза помош која ги пренела момчињата во болница. Во текот на ноќта лекарите се обиделе да ги реанимираат момчињата, но за жал не можеле да се спасат и рано изутрината била констатирана смрт.

Несреќата се случила кога двете братчиња пливале во езеро во Германија. Тие биле на одмор со родителите, а пред да дојдат во Германија биле во Холандија. Во еден момент родителите забележале дека ги нема и веднаш ги фатила паника. Околу 19 часот повикале полиција која излегла на местото на настанот.

Како што пренесува Гардијан, тие веднаш почнале да го пребаруваат езерото. Нуркачите набрзо ги пронашле телата на момчињата и ги извлекле на брегот. Се уште не се знае дали момчињата знаеле да пливаат.

Локалните власти соопштија дека на ова езеро спасувачи има само за време на викендите, а бидејќи несреќата се случила во четвртокот, немало стручен персонал.

Да потсетиме, еден месец претходно на истото езеро се удави уште едно момче од Белгија, кое скокна од карпа во водата од која не излезе. Неговото тело го пронашле нуркачите по двочасовна потрага.