И денеска не започна судењето против докторот Жан Митрев и болницата за измама. Се одложи затоа што предметот е во апелација по жалба за мерките за имотот (замрзнувањето).
Судијката кажа дека предметот бил испратен на 7 март но се уште не е вратeн и во меѓувреме одбраната на Mитрев не успеала ниту да направи увид во списите не предметот што беше причина за да се одложи првиот пат. Пред судот Митрев беше пречекан од група роднини и оштетени кои протестираа со транспаренти.
И во судницата имаше напната атмосфера. Обвинителката побара подинамично закажување на термини, а одбраната реагираше дека се прави притисок со ваквото барање за итност, но и дека се врши хајка и атмосфера на линч со протестот пред судот.
Следното рочиште судијката го закажа за 12 мај.
Непријатен пречек
Жан Митрев наиде на протести од членовите на семејството кои останале без роднини по лекувањето со методот на хемофилтрација, кое по новинарската истрага произлезе како метод што не беше одобрен од СЗО.
„Нашиот роднина не умре од Ковид, туку од пропустите на Жан Митрев“,
„Хемофилтрацијата ги удави нашите роднини, бараме одговорност“,
„Профит на сметка на заразените со Ковид-19“ беа дел од паролите на членовите на семејството.
За што е обвинет Жан Митрев?
Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе обвинителен акт против доктор Жан Митрев, како физичко лице и Обвинителен предлог против неговата болница, како правно лице, за продолжено кривично дело „измама“ по допрен глас…
Претходно на барање на обвинителството времено беа замрзнати дел од средствата на клиниката, а од кривичниот суд објаснија дека станува збор за неправосилно решение со кое се определуваат мерки-забрана за отуѓување на недвижен имот и им е наложено на банките да не дозволат исплата на определени парични износи.
На доктор Митрев на товар му се става обвинение дека со умисла довел во заблуда пациенти болни од КОВИД 19 дека хемофилтрацијата го лекува вирусот, а целта според обвинителството била да заработи пари.
Се огласија од клиниката- обвинуваат за организирана хајка
Денешното рочиште и условите во кои се обвива покажува дека против д-р Жан Митрев и Клиниката Жан Митрев се води инструиран процес и организирана хајка за неосновано обвинение. Присуството на луѓе со транспаренти на денот на рочиштето чиј датум и време на одржување не беше јавно објавено, говори дека сѐ поврзано со овој процес е претходно организирано и се води според нечија агенда. Организирање на луѓе со транспарентни кои повикуваат на линч, создаваат атмосфера како се да е веќе решено, е најостро рушење на правдата и одземање на правото да се докаже невиноста и вистината. Ова не е правно оружје и на ваков начин се спречува вистината.
Ако процесот против д-р Жан Митрев и Клиниката Жан Митрев е непристрасен, фер и без влијание, тогаш каде е презумцијата на невиност и зошто се води организирана хајка.
Презумцијата на невиност како во секој случај но посебно во случајот со д-р Жан Митрев и Клиниката, што извршува општо-корисна функција за граѓаните и грижа за нивното здравје треба да биде сериозно и бескомпромисно почитувана.
Досега се покажа дека обвинителството целиот процес го води со намера да наштети, а не со намера да докаже вина, затоа што и самите знаат дека вина не постои.
И покрај сето тоа Клиника Жан Митрев и д-р Митрев, ја продолжуваат својата борба за правдата и за докажување невиност во овој инструиран процес и паралелно под целиот притисок продолжуваат да работат со своите пациенти, лекувањето и исполнување на својата хумана мисија.
Be the first to write a comment.