Ќерката на 46-годишната жена од Неготино, која почина откако партнерот крвнички ја претепа, се огласи јавно и објави негова фотографија на социјалните мрежи. Девојчето кое ја изгуби мајката раскажува за ѕверското изживување кое го претрпела нејзината мајка Љ.Г., но и апелира до сите жени да не трпат никакво насилство, туку да се изборат за самостојност.
-Јавно сакам да го објавам МОНСТРУМОТ кој ноќта на 02.08.2022 влегол во домот во кој живеевме со мајка ми, и нанел тешки повреди на черепот и мозокот, воедно имаше и внатрешно крварење, повреди по рацете и градниот кош. Цели два часа се изживувал, па повикал итна медицинска помош, во коматозна состојба била префрлена во општата болница Кавадарци каде и била укажана максимална помош за опстанок во живот, се бореше бидејќи таа беше жена борец, од таму била префрлена во државна болница Скопје на одделение-КАРИЛ каде што и направиле операција на главата.
Јас бев надвор од градот кога утрото во 06:30 часот не известија соседите за настанатата ситуација, па по еден час не известија и од полициската станица. Цели четири дена беше приклучена на апарати се бореше до последниот здив бидејќи имаше страшна повреда од МОНСТРУМСКИ раце, таква повреда до сега не е направена од сообраќајна незгода. Но за жал не издржа, кога се јавив во болница дента на 06.08.2022 во болница ме известија дека состојбата е влошена за да по два часа ми се јават и изразат сочувство. Болката и тагата е неизмерна, таква борбена мајка се раѓа еднаш на 100 години.
Па, драги мои жени апелирам до сите вас не плашете се од никој затоа што ниту еден маж не е повеќе од вас, вашите мајки не ве носат во стомак 9 месеци и не ве растат за кога ќе станете самостојни жени некој да се изживува со вас, помислете на најлошото што може да го стори, бидејќи од вакви гадови си патиме. А тебе П.Н. бог да ти суди!!!- напиша младата девојка, објавувајќи фотографија, како и името и презимето на 51-годишниот убиец, кое поради законските процедури ,,Фокус” се уште не го објавува.
П.Н. моментално е во притвор. Од Обвинителството известија дека истрагата е во тек, а кога ќе има обвинение ќе ја информираат јавноста.
Голем број на жени во Македонија се нашле на црната листа на семејно и родово насилство. Дури 22 жени во Македонија биле убиени од 2017 до 2020 година, и речиси сите со убиецот биле во блиска врска – сопружници, вонбрачни партнери, поранешни партнери, а во повеќе случаи имале и заеднички деца.
Од 2008 пак, до 2016 година, биле убиени 70 жени, од кои речиси сите биле жртви на семејно насилство.
Според податоците од публикацијата „ Анализа на случаи на Фемициди – убиства на жени во Република Македонија” издадена од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, жените најчесто се убивани таму каде што треба да се чувствуваат најбезбедно, во семејниот дом.
Според истражување на Националната мрежа против насилство и семејно насилство, во Македонија секоја трета жена е жртва на семејно насилство.
Be the first to write a comment.