Скопјани во текот на утрешниот ден нема да имаат јавен превоз откако вработените во ЈСП Скопје и денеска не добија плата.
Како што рекоа од синдикатите на јавното претпријатие кои присуствуваа на вонредната седница на Советот на Град Скопје, советниците и градоначалничката си тераат политика, а не разговараат за нивниот проблем.
„Вие може политика да терате до сабајле, но сабајле автобуси нема да има. Вам не ви е гајле, вие не се возите со јавен превоз. Овие луѓе имаат деца, гладни се, немаат пари да им дадат за ужинка на училиште. Овде не видовме никој да каже како ќе се реши проблемот и ќе добиеме плата туку нивни партиски и политички препукувања“, рекоа од синдикатите, пренесува СДК.
„Им се извинуваме на граѓаните, но ова мораше да се случи за еднаш засекогаш да го решиме проблемот со редовни плати во ЈСП“, изјави Миќо Стојановски, претседателот на синдикатот на ЈСП.
За проблемот на ЈСП денеска дебатираа и советниците во Град Скопје на вонредна седница на која меѓусебно се обвинуваа кој е крив. Советниците на ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија градоначалничката Данела Арсовска и побараа нејзина одговорност. Најавија дека се подготвени да се откажат од сите дискусии и да се донесе одлука со која уште вечерва ќе им бидат префрлени пари на ЈСП.
Од 4:30 часот наутро Скопје нема да има јавен превоз.
„Како советничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата сме подготвени во моментот да се откажеме од сите дискусии кои што беа предвидени сега во моментот, да дадеме пауза ако треба од неколку часа и да побараме од градоначалничката одма денеска уште веднаш да ни ја достави одлуката, ќе седиме колку што е потребно и за да ја изгласаме таа одлука уште вечерва да се префрлат средства на вработените во ЈСП и од утре автобусите да можат слободно да се движат и граѓаните на Скопје да имаат превоз“, рече Марија Андоновска, координаторка на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Советот на Град Скопје.
И советниците од СДСМ обвинија дека за првпат скопјани ќе останат без градски превоз и дека за тоа е виновна локалната власт. Посочија дека во буџетот на Град Скопје за 2022 година, заедно со ребалансот на 30.06.2022 година за ЈСП беа предвидени вкупно 530.000.000 денари или 8,6 милиони евра.
„За прв пат во својата историја на Градот Скопје, граѓаните останаа без јавен превоз. Прв пат од независна Македонија па до денеска, пензионерите, средношколците, граѓаните да не можат да користат јавен превоз. Помина само 1 година локална власт на ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска за да се случи ваква катаклизма со јавниот превоз. Најгневни од сите се скопјани и тоа со право“, рече советникот од СДСМ Гордан Шутаров.
Be the first to write a comment.