На претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески на денешната седница му беше ускратено правото да го регулира говорот на говорниците.
„Копчето на претседателот му е дадено за да може да ја води седницата, затоа што било кој од говорницата може да изнесува навреди врз етничка, национална, лична основа и претседателот тоа мора да го спречи. Оваа седница ќе ја завршиме на овој начин“, рече претседателот на Советот, Трајко Славески.
Тој порача дека нема да почне друга седница по завршување на оваа денес за ЈСП доколку не се врати опремата која на претседателот на Совет му обезбедува контрола врз дискусиите на лицата кои излегуваат на говорница.
Со опремата која е во надлежност на претседател на Совет или копчето со кое се регулира дискусијата во смисла да нема навреди и слично раководеле служби на Градот. Заменикот на Арсовска, советникот од Гром, Александар Трајановски, јавно признал дека свесно и намерно му било одземено тоа право на Славески за да не може да ги прекинува говорите на градоначалничката која главно се фокусира на „шпиценкандидатот Мицкоски“.
Во текот на седницата, во недостиг на копчето, Славески сепак ја замолчи Арсовска, одземајќи ѝ го микрофонот додека се обраѓаше пред советниците. Славески ѝ го одзеде микрофонот доаѓајќи до неа, затоа што тој имал такво право. Од друга страна Арсовска тврдеше дека таа како градоначалник има неприкосновено право на збор.
„Сите се малтретирани овде поради вас, дополнителни три часа. Досега ќе ја изгласавме иницијативата. Не расправајте се со советниците. Поради вашето вакво однесување, се малтретираме овде“, ѝ рече Славески.
Таа му одговори дека не може повеќе да се однесува како деспот. Откако тој го тргна микрофонот, таа продолжи да зборува.
По повеќасовната драма советниците ја задолжија градоначалничката на град Скопје, во соработка со надлежните сектори, најдоцна до петок до 12 часот, да достават одлука за прераспределба на средства од буџетот кои ќе бидат наменети за ЈСП за да се овозможи непречено функционирање на претпријатието и скопјани да имаат градски превоз. За таа одлука гласаа 24 советници. Новата седница е закажана за в петок и на неа треба да се расправа предлог-одлуката.
Be the first to write a comment.