Од општинската каса во Битола се одлеваат илјадници евра по тужби на граѓани кои биле нападнати од бездомни кучиња, а сумата за оштета секоја година е се поголема.

Лани Општина Битола исплатила 2,4 милиони денари или околу 40 илјади евра, по тужби на битолчани, а во 2021 од буџетот се издвоени околу 18 илјади евра. Судот одредува од 1000 до 1500 евра оштета по едно лице.

„Тужителот додека возел велосипед по улица во Битола, бил нападнат од куче скитник, при што се здобил со повреда утврдена во Клиничка болница во Битола. Тужителот претрпел нематеријална штета за физичка болка и страв. Се задолжуваат тужените Општина Битола и ЈП Комуналец солидарно да му платат на тужителот вкупен износ од 90.000.00 денари со законска казнена камата“, се наведува во една од пресудите на Основниот суд во Битола.

Граѓаните бараат да се реши проблемот со бездомните кучиња по улиците во Битола, затоа што се грда слика за градот, местото не им е на улица, а предизвикуваат и страв.

Во Скопје оштетата спогодбено со Градот- не повисока од 100.000 денари

Годишно во Скопје по 600 луѓе се каснати од улични кучиња. Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во 2019 пријавени се 618 случаи, во 2020 бројот на каснати е 647, а лани 657. Од почетокот на годинава до 15 април, пријава за каснување од куче доставиле 157 граѓани.

Оние кои се каснати од куче можат да го тужат Град Скопје и досега случаите се решаваа преку судски процеси. Лани за оштети на граѓани и судски трошоци Градот исплатил околу 400.000 евра. За да се намалат трошоците, сега Град Скопје нема предметите да ги решава по судски пат туку спогодбено со каснатите граѓани, а оштетата која ќе им се исплаќа нема да биде повисока од 100.000 денари.

„Имајќи ја предвид висината на трошоците на кои е изложен Град Скопје во постапките пред надлежните судови, а со цел да се намалат трошоците кои се исплаќаат на адвокати, вештаци, извршители и други трошоци поврзани со постапките, се предлага Град Скопје да пристапи кон вонсудско спогодбено решавање на овие барања“, се вели во одлуката на Град Скопје.