Осум лица загинаа, а најмалку 13 се ранети во пукотница во четвртокот вечерта кај Младеновац, на околу четириесет километри од Белград, јавуваат белградските медиуми. Се стравува дека бројот на жртви би можел да биде поголем, бидејќи повеќе лица се во тешка состојба.

Сторителот идентификуван како Урош Б.(21) е уапсен рано утрово по голема полициска потрага. Околностите на ужасните настани и откривањето на убиствениот пат се уште траат, но полека се повеќе и повеќе околности излегуваат на виделина за тоа што се случило.

Во селата кај Младеновац (на 40-тина километри од Белград) тој со својот мерцедес дивеел крваво, а според засега неофицијални информации по случаен избор пукал во над 25 лица, од кои најмалку осум го загубиле животот.

Во селото Дубоне сè започнаlo практично од ништо. Младите седеле и се дружеле вечерта, Урош Б. наводно бил во училишниот двор со другарите, но набрзо настанала тепачка. Тој отишол дома, зел пушка и почнал да пука во луѓе. Многумина од нив мирно седеле на клупата.

Мештаните на Дубона велат дека се шокирани од тоа што се случило. Велат дека младиот човек кој го извршил масакрот секогаш „се однесувал како добро дете“ и дека не им е јасен мотивот за неговиот чин.

-Почна да убива од Дубона. Полицаецот кој беше убиен прв сакал да го спречи. Прво го убил, а потоа продолжил, колку што знам. Наводно, прво се закачил со него – раскажува за Курир жител на Дубона.

Син на офицер на војската на Србија

Тој додава и дека У.Б. е син на офицер на српската армија кој работи во Генералштабот во Белград.

– Не беше проблематичен, беше добро дете, вели тој и додава дека наоколу се шушка дека убиецот убил и свои роднини.

– Во три села направи крвав пир, покрај Дубона беше и во Шепшин и Мали Орашје. Во Мали Орашје пукал во група од околу 20 деца. Застанал, излегол од автомобилот и пукал во нив, вели соговорникот за Курир.

Таткото и братот У.Б., како што пишува Курир, не ни знаеле што се случува, а кога таткото дознал, шокиран паднал на земја. Во масакрот беа убиени полицаецот Милан Паниќ и неговата сестра, јавуваат српските медиуми.

„Тие седеа таму и разговараа, тој им пријде и ги застрела од никаде. Ми ги уби внукот и внуката“, изјавиле за Блиц дедото на полицаецот и неговата сестра. „Ни рекоа дека биле пукани, кога отидовме таму беа мртви, покриени. Се собраа луѓето, почнаа да плачат…“, рече тој.

Еден пријател кој бил со нив, бил ранет, починал во болница. Уште едно девојче е рането, но таа е жива“, вели дедото. „Велат дека ги застрелал внук ми и внуката во тилот, дека не го ни виделе“, рече тој.