По информацијата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека ФЕНИ, односно „Еуроникел индустри“ ја гаси печката која три месеци се одржувала на енергетски минимум поради скапата струја, од компанијата за Телма го потврдуваат гасењето на печката, при што информираат дека од средината на септември и работниците им се испратени на принуден платен одмор.
-Бидејќи долгорочно одржување на електро-печката во топла состојба не е препорачливо од техничка гледна точка и носи техничко-технолошки ризици, а во исто време се трошат огромни средства, а притоа не се генерираат никакви приходи, одлучивме плански да го стопираме напојувањето и сите ресурси да ги насочиме кон енергетски проекти кои имаат за цел да обезбедат електрична енергија за продолжување на производниот процес. Во меѓувреме, превземени се сите соодветни мерки, доколку дојде до поволна промена на пазарот на електрична енергија, или пак се обезбеди електрична енергија од страна на државата, по субвенционирана цена, подготвени сме во најкраток рок да го рестартираме процесот, одговорија од компанијата Еуроникел.
Инаку Еуроникел Индустри е најголем поединечен потрошувач на електрична енергија во државата, а струјата има најголем удел во производниот трошок. Еуроникел односно комбинатот во Кавадарци е втор најголем извозник и има еден од најголемите удели во Бруто домашниот производ на државата.
Еве го целосниот одговор на Еуроникел:
Еуроникел Индустри е најголем поединечен потрошувач на електрична енергија во државата, каде струјата има најголем удел во производниот трошок. Имајќи предвид дека цената на ел. енергија започна вртглаво да расте уште во октомври 2021год., ние превземавме бројни активности за амортизирање на последиците и продолжување на производниот процес.
Со натомошна ескалација на пазарот на струја во месец јули 2022год., застанавме со производството и во изминатите три месеци превземавме бројни неопходни ремонтни активности, а веќе во средината на септември, започнавме и со принуден платен одмор на работниците. Бидејќи долгорочно одржување на електро-печката во топла состојба не е препорачливо од техничка гледна точка и носи техничко-технолошки ризици, а во исто време се трошат огромни средства, а притоа не се генерираат никакви приходи, одлучивме плански да го стопираме напојувањето и сите ресурси да ги насочиме кон енергетски проекти кои имаат за цел да обезбедат електрична енергија за продолжување на производниот процес.
Во меѓувреме, превземени се сите соодветни мерки, доколку дојде до поволна промена на пазарот на електрична енергија, или пак се обезбеди електрична енергија од страна на државата, по субвенционирана цена, подготвени сме во најкраток рок да го рестартираме процесот. Паралелно на ова, реализацијата на нашите планови за енергетска независност подразбираат и институционална подршка, која се надеваме соодветно ќе ја добиеме, а во интерес на компанијата, вработените, добавувачите и сите останати засегнати страни, и секако во интерес на националната економија, ако се земе во обзир дека Еуроникел е еден од најголемите работодавачи, втор најголем извозник, со значаен придонес кон бруто домашниот производ.
Be the first to write a comment.