Каде и да имал концерт во регионот, колку и доцна да завршувал, на Тоше Проески не му било тешко и ноќе да вози по неколку часа, само да стаса во своето родно Крушево. Тоше секој слободен миг сакал да го користи да биде дома, со семејството и со другарите.
Стерули Штерјоски, кој е другар на Тоше од детството со љубов сподели спомени со својот пријател, пред концерот кој ќе се одржи на 5 октомври пред платото на Спомен куќата, точно 15 години по последниот концерт на Тоше.
Стерули како член на Управниот одбор на Спомен куќата, која го организира концертот, е ангажиран со подготовките за ѕведеното небо кое годинава, на 5 октомври, за првпат ќе засвети во Крушево, на негова голема радост. Настанот е поддржан од Министерството за култура.
-Ѕвезденото небо за Тоше ќе се случува на платото пред неговата Спомен куќа во Крушево, со почеток во 19 часот, а дел од него ќе бидат следните музички гости: Каролина Гочева, Бени Шаќири, Јелена Томашевиќ, Бојан Маровиќ, Дани Димитровска, Ѓоко Таневски, Мартинијан Кириловски, Кристина Арнаудова, Јоце Панов, Влатко Груевски, Омар Џафероски и Билјана Јосифов. Тие ќе настапат во придружба на Камерен оркестар на Битола, под водство на Владимир Димовски и на Бендот на Тоше. Ги повикуваме сите фанови од Балканот, со своето присуство и со своите мобилни телефони да го збогатат Ѕвезденото небо за Тоше и да споделат љубов и сеќавања на концертот кој е наречен „Со љубов за Тоше“. Неговата љубов за сите нас се’ уште трае и постои во секој негов стих и нота“, велат од Спомен куќата.
Стерули пак, за Женски магазин раскажа каков беше Тоше, свој на своето, кога доаѓал во Крушево. Неговата голема душа ја знаеа многу луѓе, но најдобро оние кои од дете живееле со него, како Штерјоски.
-Беше многу среќен, што последната година успеа да остане два месеци дома. Еднаш, а ми раскажа неговиот другар, пејачот Бојан Маровиќ имал концерт во Цетиње, во Црна Гора. Организаторот на концерот имал обезбедено хотел и го молел по настапот да остане, да се одмори. Концертот завршил во два по полноќ, а Тоше не сакал да слушне, возел назад до Крушево, само да преспие дома“, ни раскажа Стерули.
Тој зборува и за мирољубовоста на својот другар, и умешноста да ги смирува и да ги зближува луѓето. Кога доаѓал во Крушево, тој не бил ѕвезда, туку дете од соседството, како и сите тие. Стерули со радост се сеќава како по забавите во нивниот омилен ноќен клуб, оделе на Гумење или на Мечкин камен, и јаделе топол леб со ајвар и сирење, кои ги носеле од дома.
-Еднаш, на една забава во клубот беше дојден и Тоше. Тоа беше во екот на неговата голема популарност. Се случи две момчиња нешто да се скараат, и за малку ќе се случеше голема тепачка. Тоше ги виде, по скали истрча накај нив, ги фати двајцата и ги однесе надвор од клубот. Никој не знае што се случи и што им рече, но кога сите влегоа назад внатре, момчињата беа смирени, Тоше успеал да ги смири“, ни раскажа Стерули со гордост и со тага во гласот. Тоше никогаш не пропуштал да изигра одбојка со своите другари кога доаѓал во Крушево, не пропуштал да ги поздрави сите соседи, пријатели кога поминувал низ улиците на градот.
-Му трeбаше 40 минути да стаса од центарот до дома, а од центарот до дома има две минути одење“, се сеќава другарот на Тоше. Стерули жали што нема повеќе фотографии со својот другар, зашто вели дека никогаш никој од друштвото не го доживувал како ѕвезда, и кога се гледале, не се фотографирале, мислејќи дека пред нив се уште долги години дружба.
Be the first to write a comment.