Американската војска морала да собори сопствен дрон во Црното Море поради штетата која ја претрпел кога го пресретнале руски авиони, соопшти бригадниот генерал Патрик Рајдер на денешниот брифинг во Пентагон. НАТО дипломати во Брисел го потврдија инцидентот, но рекоа дека не очекуваат тоа веднаш да ескалира во понатамошна конфронтација.
Врховниот командант на сојузничките сили на НАТО за Европа, американскиот генерал Кристофер Каволо ги известил сојузниците во НАТО за првата таква епизода од почетокот на руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година. Русија ги отфрли таквите обвинувања, тврдејќи дека нивните борбени авиони не дошле во контакт со американскиот дрон, туку дека беспилотното летало се урнало поради „остар маневар“.
„Руските ловци не го користеле своето вооружување, не дошле во контакт со беспилотното летало и безбедно се вратија на својот матичен аеродром“, соопшти руското Министерство за одбрана. Тие додадоа дека американскиот дрон летал во близина на руската граница и влегол во областа која руските власти ја прогласија за забранета.
Американската војска претходно соопшти дека руски борбен авион удрил во пропелерот на дронот, кршејќи го меѓународното право. Американски претставници велат дека дронот летал во меѓународен воздушен простор во време на инцидентот. Европската команда на САД соопшти дека два руски воени авиони Су-27 „извеле несигурно и непрофесионално пресретнување“ на американски дрон MQ-9.
Поради инцидентот, рускиот амбасадор во Вашингтон бил повикан во Стејт департментот, а американскиот амбасадор во Москва вложил „силен приговор“, изјави портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс. Инцидентот се случува во време на раст на тензиите меѓу САД и Русија поради војната во Украина, која Москва ја започна пред повеќе од една година.
Be the first to write a comment.