Корина Шумахер, сопругата на Михаел Шумахер, веќе десет години „живее како затвореник“ во обид да ја сочува приватноста и состобјата на нејзиниот сопруг, вели поранешниот шеф на Ф1, Еди Џордан.
Шумахер во декември 2013 година страдаше во несреќа на скијање, добивајќи сериозни повреди на главата по што беше поставен во медицински индуцирана кома. Тој потоа беше преместен во семејниот дом на езерото Женева во Швајцарија во септември 2014, каде што има помош од тим на медицински лица.
Џордан, кој му ја даде првата шанса на Ф1 на легендарниот Германец, лани откри дека има план да го посети Шумахер, но не доби дозвола од семејството.
„Ова е најстрашна ситуација за Мик и Корина. Поминаа речиси 10 години и Корина нема отидено на ниту една забава, на ниту еден свечен ручек, таа е како затвореник бидејќи сите сакаат да знаат што прави Михаел, но тоа не е дозволено“, вели Џордан.
54-годишната Корина јавно не зборува за состојбата на нејзиниот сопруг, иако во документарниот филм од 2022 имаше изјава.
„Михаел е тука. Поинаков, но тој е тука, и ни дава сила. Заедно сме. Сите живееме заедно, правиме терапија, сите можни работи за да му го направиме животот поудобен и да ја почувствува семејната атмосфера“, изјави тогаш Корина.
Минатата година, Корина и нејзината ќерка Џина ја добија државната награда на германската провинција Северна Рајна-Вестфалија. Џина се натпреварува во коњички спорт, додека Мик Шумахер го следеше својот татко во Ф1, возејќи две сезони за Хас Ф1, пред оваа година да биде тест-возач на Мерцедес.
Be the first to write a comment.