Доколку Македонија ѝ ги донира на Украина оние тенкови кои се набавени во кризната 2001 година, тие не се донација од Русија, како што пишуваат некои медиуми, туку државата ги купи од Украина, тврдат од ВМРО – Народна партија чиј лидер, Љубчо Георгиевски, беше премиер за време на конфликтот.
„Сакаме да потенцираме дека тенковите Република Македонија не ги доби како донација од Русија, како што пишуваат некои медиуми, туку државата ги купи од Украина, што беше многу важна помош со оглед дека тогаш имаше неофицијално емабрго за продажба на оружје за Македонија. Сакаме да додадеме и нагласиме дека дека тенковите не се добиени како помош туку се купени со македонски пари“, велат од ВМРО – Народна партија и дополнуваат дека добро е Северна Македонија да добие некаква компензација од НАТО земјите, бидејќи ова оружје сѐ уште е функционално и употребливо.
Откако на социјалните мрежи се појавија видеоснимки на кои се гледа транспорт на тенкови, „360 степени“ се обрати до Министерството за одбрана од каде, потврдија дека станува збор за донација што земјава ѝ ја дава на Украина.
Од ресорното министерство потврдија дека земјава ги дава како донација тенковите од тенковскиот баталјон на Армијата кој е планирано да биде расформиран. Оттаму посочија дека станува збор за ,,трета генерација тенкови кои со развојот на технологијата за неколку години би биле неконкурентни и некомпатибилни со нашите побарувања за снабдување со западна платформа”. Дополнително, додаваат од МО, во наредниот период би требало да се трошат и ресурси за нивно уништување, што е нецелисходна активност за нашата Армија.
Дел од медиумите објавија дека овие тенкови Македонија ги добила како донација од Русија.
Инаку, Украинците со воодушевување ја примија веста дека Македонија испраќа тенкови кои ќе им помогнат во битката за спасување на нивната татковина од руската агресија. На социјалните мрежи се изразува огромна благодарност до Македонија за помошта и се критикуваат западните земји, пред се Германија, бидејќи и покрај ветувањата за нејзина помош во вооружување, таа никако да стаса.
Be the first to write a comment.