Приватен авион „Цесна“ се урна денеска во близина на брегот на Летонија, откако НАТО ги подигна своите авиони за да помогне бидејќи неговиот курс бил нестабилен.

Според веб-страницата FlightRadar24, „Cesna 551“ регистриран во Австрија летал од градот Херез во јужна Шпанија, но не ја најавил дестинацијата.

Авионот се пренасочил двапати, во близина на Париз и Келн, пред да продолжи право над Балтичкото Море и да помине блиску до шведскиот остров Готланд, пред брзо да ја изгуби брзината и висината.

Портпаролот на шведската служба за спасување изјави дека авионот се урнал северозападно од летонскиот град Вентспилс, откако исчезнал од радарите. Летонските и шведските спасувачки служби пронајдоа делови од урнатиот авион.

Хеликоптер на литванските воздухопловни сили беше испратен на барање на Летонија на местото на несреќата за спасувачка операција.

Како што пишува Билд, леталото кое го нарекле „авион дух“ полетало од аеродромот Херез на југот на Шпанија, а наведената дестинација била Келн. Меѓутоа, по напуштањето на шпанскиот аеродром, контактот со авионот бил изгубен.

Според информациите на германскиот весник, во авионот имало пилот, жена, маж и нивната ќерка.

Борбениот екипаж на НАТО што го следеше авионот претходно не видел никого во пилотската кабина на „цесната“.