Срѓан Голубовиќ, познат како DJ Max, криминалецот од познатата фотографија на Рон Хавив од 1992 година, од Бјелина, продолжува да настапува по белградските клубови, а последниот настап му беше на новогодишната ноќ, пишува босанскиот портал „Кликс“.

Фотографијата направена од американскиот фотограф Рон Хавив во Бјелина, на која српски војник, припадник на тигрите на Аркан, шутира во убиената Тифа Шабановиќ, стана еден од најпознатите прикази на воените злосторства во Босна и Херцеговина, пишува порталот.

Пред неколку недели беше објавена сторија во која се наведува дека војникот на познатата фотографија е Срѓан Голубовиќ, а со години настапува како DJ Max во клубовите низ Србија.

Срѓан Голубовиќ, познат како DJ Max, ја шутира убиената Тифа Шабановиќ

На својот Инстаграм профил објави дека последниот настап му бил пред неколку дена, за новогодишната ноќ во Клуб Шума на Ада Циганлија во Белград.

Заедно со диџеј Столе го формира тимот Xperiment кој настапува на фестивали низ Србија. Во ноември имаа настап во Нови Сад во хала 2 на Новосадскиот саем, а нешто порано во април имаа настап на „Форест фест“ во Ада Циганлија. Голубовиќ беше уапсен од српските власти во 2012 година, не за воени злосторства во Бјелина, туку за нелегално поседување оружје и дрога.

Обвинителството на Босна и Херцеговина води неколку постапки за злосторствата извршени во Бјелина во април 1992 година, но не е познато дали Срѓан Голубовиќ е еден од осомничените.

Срѓан Голубовиќ на мотор во Бјелина во 1992 година

– На 1 април 1992 година, српската доброволна гарда на Аркан влегла во Бјелина, а веднаш по влегувањето биле убиени неколку десетици цивили, а нивните тела биле оставени на улица. „Тигрите на Аркан“ ги поддржа и паравоената единица Пантери на чело со Љубиша Савиќ „Мауцер“. Заедно со Српската доброволна гарда, тие започнаа кампања на насилство против локалните Бошњаци, силување, убивање, претресување на нивните куќи и ограбување на нивниот имот, објавува поррталот Кликс.

Истрагата на Хашкиот трибунал подоцна покажа дека жртвите биле застрелани „во градите, устата, слепоочницата, задниот дел од главата, некои од непосредна близина“ и дека ниту еден од нив не бил облечен во воена униформа.

Срѓан Голубовиќ на настап во Нови Сад во ноември 2022 година

Бошњаците во Бјелина беа целосно изненадени од воената акција и немаше сериозен одбранбен план. Нападот на српската доброволна гарда на Бјелина се смета и за почеток на војната во Босна и Херцеговина. Она што е особено поразително е фактот што во центарот на Бјелина има улица посветена на криминалците на Аркан, а локалните власти го одбележуваат 1 април како „ден на одбраната на градот“, пишува Кликс.