– Ми се јави Пендаровски! Ме вика на ферка, тука зад школо, у Мичурин. Ја сам – он и Бујар!, напиша на социјалните мрежи лидерот на Левица, Димитар Апасиев.

– Претседателската ВОШКА Пендаровски, ме нарекол “гнида” на прес!? Па није могуче, ја продолжи преписката на социјалните мрежи Апасиев со Пендаровски.

Ви гарантирам дека избран пратеник во ниту еден европски парламент не пцуе починати родители на друг политичар. Тоа е крајно нечовечки, изјави претседателот на државата Стево Пендаровски, коментирајќи ја објавата на пратеникот од Левица Димитар Апасиев на фејсбук, во која тој го опцу шефот на државата. Апасиев јавно упати пцост до претседателот, откако беше објавен мофикуваниот француски предлог.

„Навистина не верував дека може да дојде во ситуација да ми пцуе починат родител. Тоа ми е само една лична болка, која не можам да разберам зошто имал потреба да ја искаже. Мојата мајка е почината пред 10 години и мислам дека беше крајно нечовечки пцовката сама по себе, поготово да ми пцуеш гроб на почината мајка, тоа е нешто што не се простува. Таква работа, таков јавен став може да искаже човек кој е или ушмркан или му фали нешто во главата. Јас стварно мислам дека тој психопат не е со сите, штом може вакви работи да постира на социјалните мрежи. Тоа е настан без преседан во модерна Европа“, одговори Пендаровски на новинарско прашање за пцовката на Апасиев на социјалните мрежи.

Шефот на државата вели дека Апасиев нема храброст, туку сите пораки за сечење, бесење, колење, ги испраќа преку фејсбук.

„Што да очекуваш од една таква гнида од човек? Да ти дојде во очи и да ти го каже тоа? Знае кои се последиците од тоа и знае што ќе добие во таква ситуација. Преку глава ми е од таквите фејсбук-партиоти, големи мажиња, кои не туркаат во обратна насока од демократија и од европските фундаментални вредности“, рече Пендаровски.