Апелациониот суд во Тирана на 8 години затвор го осуди 32-годишниот Клајди Шунди, кој на 1 јануари 2021 година го уби својот зет за сестра на новогодишната ноќ.

Против него, Апелациониот суд го потврди обвинението за „убиство во услови на тежок психички шок“, откако го убил Лавди Звежда (42). Свеченото отворање на новата куќа на Клајди Шунди и прославата на преминот на годината со неговата сестра, зет и две внуки се претворија во трагедија утрото на 1 јануари 2021 година во месноста „5 Мај“ во Тирана.

Во истражното досие кое го објавија албанските медиуми, обвинителот Алберт Демирнели нагласува дека вербалниот конфликт меѓу Шунди и Звежда прославата ја претворил во трагедија, бидејќи меѓусебно се расправале за тоа дали традициите на гостопримството и менито биле побогати во областа на Корча или Поградец.

Додека никој од нив не отстапил од своите тврдења, додека пиеле, Клајди Шунди го избодел со нож својот зет, кој починал во болница.

Од местото на настанот, во досието обвинителството ги наведе исказите на членовите на семејството како и снимката на која се гледа како роднините загрижени ја напуштаат новогодишната забава.

Роднините велат дека биле поканети од обвинетиот, не само за да го прослават шпчетокот на новата година, туку и затоа што Клајди Шунди купил нова куќа.

– Почнавме да славиме и испивме неколку чаши вино, но кога зборувавме за традициите на околината, за тоа дали корчанското мени беше побогато од тоа во Поградец, Клајди побара од жртвата да зборува по ред и да ги сослуша другите, вели роднината Роланд Нурќе.

– Ова се повтори неколку пати, додава тој, кој се сеќава дека во овие моменти жртвата се почувствувала навредена и заедно со децата и сопругата ја напуштил забавата.

Но, неколку моменти подоцна, Шунди револтиран го зел ножот од кујната и излегол надвор каде го нападнал сопругот на сестра му.