Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денес во Полицискиот центар „Ѓорче Петров” ги виде осумте возила кои чешкото МВР му ги донираше на македонското МВР. Овие возила се за потребите на Одделот на специјалните полициски операции.
Набавени се осум специјализирани интервентни возила за потребите на организационите единици во рамки на Одделот за специјални полициски операции во вредност од околу 14.240.000 денари, односно 6 интервентни комбиња за јавен ред и мир за потребите на Единицата за брзо распоредување и 2 возила за интервентни операции на САЕ „Тигар”.
Пред присутните на пистата во Полицискиот центар „Ѓорче Петров” беше изведена демонстрација на брзо излегување и влегување, како и тактичко движење, а беа презентирани и техничките карактеристики на возилата.
„Денеска, заедно со заменик шефот на Мисијата на Амбасадата на Чешка Република, Лубомир Пшенка, во Полицискиот центар „Ѓорче Петров” присуствував на промоција на 8 возила набавени со донацијата од чешкото МВР и од Владата на пријателска Република Чешка, а за потребите на Одделот за специјални полициски операции. Оваа донација на Чешката Република претставува продолжение на процесот започнат уште во 2018 година, така што досега севкупно гледано, во рамки на донацијата, набавивме 31 ново возило за потребите на Министерството, по принципот на користење на финасиската донација за купување и одржување на техничка опрема во согласност со претходно договорените спецификации.
Во свое и во име на МВР, упатувам благодарност до нашите чешки пријатели за несебичната и сесрдна поддршка и помош, со длабока увереност дека и во годините што се пред нас ќе продолжиме заеднички да работиме на унапредување и продлабочување на нашето пријателство и соработката, што примарно е од интерес на националната безбедност како на двете земји, така и во поширок контекст на безбедноста на Југоисточна Европа”, напиша Спасовски на својот официјален Фејсбук профил.
📸
📸
📸
📸
Be the first to write a comment.