Десното крило на бундеслигашот Лајпциг, Лукас Кржикала, изминатиот викенд и откри на германската јавноста дека е хомосексуалец. Кржикала е прв активен спортист од колективните спортови во машка конкуренција во Германија, кој јавно се декларираше како геј.
Неговото искрено интервју за „Die Welt“ предизвика лавина реакции во Германија, а тој се надева дека со ова признание, ќе испровоцира многу повеќе да се пишува и говори на оваа тема – хомосексуалноста во машкиот спорт.
На 28-годишна возраст, Кржикала е еден од главните ракометари на Лајпциг, тим кој сега е добро етаблиран во Бундеслигата. За неговата определба знаеле неговите соиграчи, управата и клупските спонзори.
Во Лајпциг во овој момент заедно со Кржикала играат Марко Мамиќ, Ловро Јотиќ, Шиме Ивиќ, Мачеј Гебала…
Клубот од Лајпциг, каде што Кржикала е една од главните фигури и еден од омилените играчи на јавноста, го поддржа во одлуката да се „отвори“, без разлика дали тоа се неговите соиграчи или управата.
„Геј сум, имам дечко кој го сакам и среќен сум поради тоа. Моите соиграчи знаат за тоа“, вели Кржикала.
Тој вели дека таквата одлука не му била воопшто лесна, со оглед на тоа што во ракометот физичкиот контакт е постојан, а тоа може да доведе до злонамерни забелешки од противничкиот тим. Потенцираше дека знае уште петмина ракометари од Бундес лигата кои се хомосексуалци.
Капитенот на германската репрезентација, Јоханес Гола исто така излезе со изјава по признанието на Кржикала.
„Сметам дека пристапот на Кржикала е многу храбар. Ова ќе биде поттик и за многу други спортисти да го направат тоа“, вели Гола.
За разлика од машкиот ракомет, во женскиот ракомет одамна има многу ракометарки кои јавно се декларираа како лезбијки. Меѓу нив поранешната голманка на Вардар, Мајса Песоа, потоа Гро Хамерсенг, Ања Един, Катја Ниберг…
Be the first to write a comment.